7/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 јануари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 44 од законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 17/79, 37/80, 18/89 и 21/91) и оценување уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на надоместок за употреба на градежно земјиште (“Службен гласник на Општина Охрид” бр.3/90, 6/91 и 2/92).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Профитен центар “Метропол”-Охрид при ХУП “Метрпол”-Скопје, Акционерско друштво во мешовита сопственост му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 44 од Законот и уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба на челн 44 од Законот се давало можност собранието на општината да ги врши работите на уредување и употреба на градежното земјиште и да го определува надоместокот за употреба на таквото земјиште, што било во несогласност со членовите 33, 51, 56 и 68 од Уставот, а со оспорената одлука, непосредните корисници на градежното земјиште на подрачјето на Општина Охрид се задолжувале да плаќаат определен износ на надоместок по м2 за употреба на градежно земјиште и за изграден корисен простор, што било во несогласност со Уставот и со Законот за градежното земјиште.

3. Судот на седницата утврди дека според член 44 став 1 од Законот за градежното земјиште собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежното земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и институции. Согласно ставот 2 од овој член на Законот со одлуката за воведување на надоместок се уредува висината, роковите на плаќањето и начинот на пресметувањето на надоместокот, а според ставовите 3 и 4 од овој член, надоместокот го плаќа непосредниот корисник на земјиштето. Како непосреден корисник се смета носителот на правото на користење на недвижности, сопственикот и носителот на станарското право.

Со оспорената одлука се утврдува надоместок за употреба на градежното земјиште на подрачјето на Општината Охрид, висината, зоните на плаќање и начинот на пресметување.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со член 51 став 1 од Уставот се уредува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот, а според став 2 од овој член на Уставот, секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Според член 56 став 1 од Уставот сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според ставот 3 од овој член на Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Со член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот е предвидено дека Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Според член 114 став 4 од Уставот општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката, а според член 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено, покрај другото, во областите на урбанизмот и комуналните дејности. Општината е самостојна во вршењето на надлежноста утврдена со Уставот и закон. Републиката со закон може да довери вршење на определени работи на општината.

Согласно член 17 став 1 точка 4, 5 и 27 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95 и 60/95), единиците на локалната самоурава, меѓу другото, самостојно ги вршат работите на уредување и употреба на градежното земјиште, утврдуваат зони и собираат земјишна такса и вршат одделни овластувања врз добрата од општа употреба и врз природните богатства на своето подрачје. Вршењето на тие работи се остварува во согласност со закон.

Со Законот за градежното земјиште се уредуваат начинот и условите за користење на градежното земјиште. Според член 4 од овој закон, уредувањето и употребата на тоа земјиште е дејност од јавен интерес, а според член 9 од Законот, градежното земјиште е на Републиката. Со членот 45 од Законот е определено надоместокот за употреба на уреденото градежно земјиште да се плаќа по единица површина, посебно за градежното земјиште и посебно за изграден користен простор.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека со закон може да се утврди обврска за плаќање јавна давачка, а во тие рамки и јавна давачка за употреба на градежното земјиште, дека градежното земјиште како добро од општ интерес за Републиката ужива посебна заштита и дека со закон се уредува начинот и условите под кои определени добра можат да се отстапат на користење. Понатаму, дека општината се финансира од сопствени извори на приходи определени со закон и дека таа, меѓу другото, ги врши работите од локално значење особено во областите на урбанизмот и комуналните дејности. Според тоа, надоместокот за употреба на градежното земјиште како јавна давачка произлегува од Законот за градежното земјиште, а со оспорената одредба од овој закон општината е овластена да може да го утврди надоместокот за употреба на градежното земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации и да ја утврдува неговата висина, рокови на плаќање и начин на пресметување.

Со оглед на наведеното, на мислење сме дека давањето можност општината да ги врши работите на уредување и употреба на градежното земјиште и да го определува надоместокот за употреба на таквото земјиште во согласност со Законот, не е во несогласност со уставните принципи, поради што не би можело да се постави прашањето за согласноста на член 44 со Законот за градежното земјиште со напред наведените одредби на Уставот.

Тргнувајќи од напред наведените уставни и законски одредби што се однесуваат на анализата на оценката на уставноста на член 44 од Законот, а имајќи предвид дека за користењето на градежното земјиште Законот може да утврдува обврска за непосредниот корисник да плаќа јавна давачка односно надоместок и дека Законот за градежното земјиште и Законот за локалната самоуправа ја овластуваат општината односно единицата на локалната самоуправа да го утврдува овој вид надоместок, да ја определува неговата висина, роковите за неговото плаќање и начинот на неговото пресметување, според нашето мислење, не би можело да се постави прашањето за согласноста на Одлуката за утврдување на надоместок за употреба на градежното земјиште, донесена од Собранието на Општината Охрид, со Уставот и Законот за градежното земјиште.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.7/96)