373/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 јануари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 30 од Законот за персоналниот данок од доход (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 70/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Здружението на судски вештаци од Скопје, за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се определувало основата за оданочување на личните примања од вршење стопанска и професионална дејност по правило да не може да биде пониска од просечната плата во Републиката, што значело дека граѓаните кои ги вршат наведените дејности плаќаат данок независно од остварените примања, за разлика од другите граѓани кои плаќаат врз основа на остварените примања, поради што член 30 од Законот не бил во согласност со член 9 од Уставот на Република Македонија. Освен тоа, примената на член 30 од Законот можела да биде ретроактивна и неповолна за граѓаните, поради што таа одредба не била во согласност и со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.

Воедно се бара изрекување на времена мерка, бидејќи врз таа законска одредба се донесени поединечни решенија чие извршување можело да предизвика тешко отстранливи последици за граѓаните.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената законска одредба се определува основата на данокот од доход на личните примања од стопанска и професионална дејност да претставува личното примање кое даночниот обврзник го утрдува во даночниот биланс согласно со одредбите од Законот за данокот од добивка, а кое по правило не може да биде пониско од просечната плата остарена во Републиката.

Понатаму, Судот утврди дека членот 30 од Законот бил предмет на оценување од аспект на неговата согласност со уставното начело на еднаквост, при што, со Решение У.бр.71/94 од 25 октомври 1994 година Судот одлучил да не поведе постапка затоа што оценил дека личните примања остварени од вршење стопанска и професионална дејност се оданочуваат врз основа на даночниот биланс што се утврдува согласно одредбите од Законот за данокот од добивка, а тоа значи врз основа на реалната добивка на граѓанинот и, ако даночниот обврзник уредно ги води деловните книги и врз нивна основа уредно го утврдува даноч ниот биланс, персоналниот данок го плаќа по основ на билансот и во ситуација кога остварил лични примања под просечната плата во Републиката. Поради тоа, Судот оценил дека сите граѓани плаќаат персонален данок врз ист основ – реални лични примања и, од таа причина оценил дека нема повреда на уставното начело на еднаквоста помеѓу граѓаните.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од Законот веќе била предмет на оценување од истиот аспект, а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

4.Што се однесува, пак, до наводите во иницијативата дека примената на членот 30 од Законот може да биде ретроактивна и неповолна за граѓаните, Судот утврди дека тоа прашање, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е од негова надлежност, поради што, и од оваа причина, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Со оглед на тоа што ја отфрли иницијативата, Судот оцени дека не се исполнети условите за изрекување на времена мерка утврдени во член 27 од Деловникот на Судот.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.373/95)