328/1995-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седниците одржани на 10 и на 17 јануари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 38 став 2 од Законот за данокот на промет на производи и услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/92, 62/92, 63/92, 3/93, 4/93, 80/93 и 12/95).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 37 став 2 и член 50 од законот означен во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Сашо Врбовски и Славе Гичевски од Битола му поднесоа иницијатиа за поведување постапка за оценување уставноста на: член 37 став 2 од Законот, затоа што со него се надминувале овластувањата на Владата на Република Македонија, што не било во согласност со член 33 од Уставот; на член 38 став 2 од Законот, затоа што при присилната наплата на данокот кај обврзниците-правни лица, на извршување подлежел целокупниот имот на сопственикот на правното лице, со што се вршела идентификација на физичкото и правното лице и нивната сопственост, а државата се доведувала во привилегирана положба во однос на другите доверители на правното лице, што не било во согласност со член 30 од Уставот и со Законот за претпријатијата, и на член 50 од Законот, затоа што со него се повредувал принципот на деволутивност и суспензивност во постапката по жалба, бидејќи Министерството за финансии одлучувало по решенија донесени од негов орган, што не било во согласност со член 15 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 37 став 1 од Законот, за данокот на промет на произоди и услуги што не е уплатен во рок пропишан со закон се плаќа камата по стапка од 0,5% за секој ден задоцнување, а според оспорената одредба на ставот 2 од овој член Владата на Република Македонијиа може со свој пропис да ја зголеми или да ја намали висината на каматата од став 1 на овој член зависно од движењето на цените на мало во текот на годината.

Со член 38 став 1 од Законот се пропишува дека од даночниот обврзник што пристигнатиот данок на промет на производи односно на услуги не го платил во пропишаниот рок , наплатата ќе се изврши присилно според одредбите на Законот за персоналниот данок од доход, доколку со овој закон не е поинаку уредено. Според оспорената одредба на ставот 2 од овој член, присилната наплата на данокот на промет на производи и услуги кај даночните обврзници – правни лица ќе се изврши од целокупниот имот на сопственикот на правното лице во согласност со закон.

Според оспорениот член 50 став 1 од Законот, против решението на органот за јавни приходи за утврдување на данокот на промет на производи и услуги може да се поднесе жалба до Министерството за финансии во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, според ставот 2, жалбата се поднесува преку органот за јавни приходи кој го донел решението, а според ставот 3 од овој член на Законот, жалбата не ја одлага наплатата на утврдениот данок.

5. Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 од овој член сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединцот и на заедницата, а според ставот 3 на овој член од Уставот, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Присилната наплата на данокот кога даночниот обврзник не го плаќа данокот во пропишаниот рок, се врши според одредбите на членовите 104 до 123 од Законот за персоналниот данок од доход. Така, во член 111 од овој закон, присилната наплата на данокот се извршува од целокупниот имот, приходите и побарувањата на даночниот должник, освен во таксативно наведените случаи – кога и кој имот не може да биде предмет на присилната наплата.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, а имајќи предвид дека со оспорената одредба на член 38 став 2 од Законот за данокот на промет на производи и услуги се утврдува дека присилната наплата на данокот кај даночните обврзници – правни лица ќе се изврши од целокупниот имот на сопственикот на правното лице, според мислењето на Судот, таквата обврска може да се однесува на персоналните друштва со конкретно определен сопственик, а не и на сите правни лица, кои за своите обврски одговараат со имотот на правното лице, но не и со имотот на физичките лица кога тие се јауваат како членови односно акционери или содружници во правното лице. Со оглед на тоа, пред Судот се постави прашањето за согласноста на таа одредба со член 30 од Уставот.

6. Според член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, а спред член 68 став 1 алинеја 3 јавните давачки ги утврдува Собранието на Република Македонија.

Со член 91 алинеја 1 од Уставот се уредува дека Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, а според алинеја 5 од овој член на Уставот, Владата донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Тргнувајќи од содржината на член 33 и член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, јасно произлегува дека јавната давачка се утврдува само со закон, како што е постапено во конкретниот случај со Законот за данокот на промет на производи и услуги. Притоа, со овој Закон, покрај утврдувањето на основната обврска т.е. данокот, конкретно се определува и обврската и висината за плаќање на камата како акцесорна обврска, во случај на задоцнување на исполнувањето на основната обврска. Поаѓајќи од карактерот на овие обврски, а имајќи предвид дека со оспорената одредба на член 37 став 2 од Законот е дадено овластување на Владата на Република Македонија со пропис да може да ја зголемува или да ја намалува каматата како споредна обврска ако не е уплатен данокот на промет на производи и услуги во рокот пропишан со закон и дека таквото овластување е условено од движењето на цените на мало во текот на годината, според мислењето на Судот, овластувањето на Владата е овластување за извршување на законска одредба која во основа содржи и рамки на таквото овластување и според тоа Владата се движи во рамките на нејзините уставни ингеренции, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот.

7. Со член 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против поединечни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Со Законот за управата за јавни приходи се утврдува посебниот статус на овој орган. Имено, како орган на управа во состав на Министерството за финансии, има конкретно утврдена надлежност (чл. 9 и 10), за својата работа, покрај на Министерството за финансии, одговара и на Владата на Република Македонија (член 7) директорот, заменикот и помошниците ги именува Владата (член 11), во поглед на дејствијата што ги презема во спроведувањето на контролата на јавните приходи од даночните обврзници се применуваат одредбите на Законот за општа управна постапка, доколку со овој закон не е поинаку определено (член 22), а во прекршочната постапка инспекторите на даночната инспекција се задолжени да поднесуваат пријави до судот за прекршоци (член 23 од Законот).

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, а имајќи предвид дека со оспорената одредба на член 50 став 1 од Законот, против решението на органот за јавни приходи е допуштена можност од поднесување на жалба до Министерството за финансии, според мислењето на Судот, е обезбедено правото на жалба против поединечните правни акти во постапката за наплата на данокот на промет на производи и услуги и не се нарушува принципот на деволутивност, бидејќи е обезбедена двостепеност во постапувањето на два органа од различен ранг, поради што не го постави прашањето за согласноста на член 50 од Законот со член 15 од Уставот.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.328/95)