Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 јануари 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на точка 4 од Наредбата за вршење на дезинфекција на моторните возила на граничните премини при влегувањето во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија д-р Цане Пејковски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на точка 4 од Наредбата означена во точката 1 од ова решение, затоа што таа не била во согласност со член 5 од Законот за буџетите.
3. Судот на седницата утврди дека според точката 4 од Наредбата за вршење на дезинфекција на моторните возила на граничните премини при влегувањето во Република Македонија, ветеринарните станици, од средствата добиени од извршената дезинфекција, се должни 30% да уплатуваат во буџетот на Република Македонија, 30% на локалната самоуправа кои ќе бидат наменети за зашатита на животната средина, според годишната Програма, а 40% задржува ветеринарната станица и служат за покривање на нивните трошоци за вршење на дезинфекцијата.
4. Според член 114 став 4 од Уставот општинтие се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.
Со член 5 став 1 од Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” бр. 79/93 и 3/94) се уредува дека приходите на единиците на локалната самоуправа се обезбедуваат од:
а) Даноци
– данок на имот;
– данок на наследство и подарок;
– данок на промет на недвижности и права.
б) Такси
– комунални такси
в) Дополнителни приходи од Буџетот на Републиката,
во согласност со посебен закон
г) Приходи од донации примени од земјата и странство
(во стока и пари)
д) Други приходи отстапени на буџетите на единиците
на локалната самоуправа по разни основи, во
согласност со закон.
Според ставот 2 од овој член на Законот, покрај приходите од став 1 на овој член, приходи на буџетите на единциите на локалната самоуправа претставуваат и приходите по основ на земање на заеми од Буџетот на Републиката, со кои се финансира буџетскиот дефицит.
Тргнувајќи од напред наведените уставни и законски одредби, а имајќи предвид дека Наредбата е донесена заради извршување на одделни законски одредби и дека со оспорената одредба на точката 4 од Наредбата, еден дел од средствата на ветеринарните станици добиени од извршената дезинфекција се насочуваат во единиците на локалната самоуправа, кои според годишна програма, наменски се трошат за заштита на животната средина, Судот оцени дека не би можело да се постави прашањето за согласноста на таа одредба со член 5 од Законот за буџетите.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.370/95)