287/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 јануари 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 8 став 2, член 9, член 10 и член 14 во делот кој гласи, “Во спротивно, солидарно одговара за плаќање на авторскиот надоместок и за доставување на програмата” – од Правилникот за надоместоците за јавно изведување и соопштување музички дела во јавноста(“Службен весник на Република Македонија” бр.61/92, 3/93, 35/93, 60/93 и 17/94), донесен од Сојузот на композиторите на Македонија.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од АД “Охридтурист” од Охрид со решение У.бр.287/95 од 29 ноември 1995 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 8 став, член 9 , член 10 и член 14 во делот кој гласи: “Во спротивно, солидарно одговара за плаќање на авторскиот надоместок и за доставување на програмата” од правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за авторското право.

4. Судот на седницата утврди дека според член 8 став 1 од Правилникот, се определува обврска за корисникот да доставува точни податоци кои служат како основа за утврдување и распределба на авторскиот надоместок, а според ставот 2 од овој член, доколку корисникот не ги достави податоците, висината на надоместокот се утврдува во износ зголемен за 50%.

Според член 9 од Правилникот ако се утврди дека музичкото дело е користено без претходна дозвола (член 27 став 3 и 4 од Законот за авторско право), висината на надоместокот се утврдува во двоен износ. Според член 10 од Правилникот ако музичките дела се користени без претходна дозвола (неовластено користење) и ако за таквото користење е предвиден надоместок во месечен паушален износ, ќе се смета дека делата се користени во текот на целиот месец во кој е утврдено неовластено користење, без оглед на бројот на деновите во кои навистина се користени.

Со член 14 од Правилникот се определува дека сопственикот на просторијата, стадионот и сл. (закуподавецот) е должен да состави со корисникот договор за условите под кои се изведуваат заштитени музички дела и на организацијата за заштита на авторски музички права да им овозможи увид во договорот и во записникот за бруто приходот остарен од продадените влезни билети. Во спротивно, солидарно одговара за плаќање на авторскиот надоместок и за доставување на програмата.

5. Според член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот правната заштита на сопственоста е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, а со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Со член 47 став 1 од Уставот се гарантира слободата на научно, уметничко и други видови на творештво, а со ставот 2 од овој член на Уставот, се гарантираат правата што произлегуваат од научно, уметничко или друг вид интелектуално творештво.

Според член 3 од Законот за авторското право (“Службен лист на СФРЈ” бр.19/78, 24/86 и 21/90), кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот е преземен како републички пропис, музичките дела се еден од видовите авторски дела врз кои нивните автори имаат авторско право. Согласно член 26 од Законот авторското право содржи имотно правни, односно материјално правни овластувања (авторски имотни права) и лично правни овлалстувања (авторски морални права). Според член 27 од Законот, авторските имотни права ги сочинувааат правата на авторот на искористување на делото, а тоа искористување се врши особено со објавување, преработка, репродуцирање, умножување, обработување, прикажување, изведување, пренесување и преведување на делото. Авторското дело, според ставот 3 може да го искористува друго лице само по дозвола на авторот, ако со овој закон не е определно поинаку, а според ставот 4 од овој член на Законот, за секое искористување на авторското дело од страна на друго лице на авторот му припаѓа надомест, ако со овој закон или договор не е определено поинаку.

Со член 56 од Законот се уредува дека авторските договори се склучуваат во писмена форма, а ако не е склучен во таква форма не произведува правно дејство, ако со овој закон не е определено поинаку. Содржината на авторскиот договор описно се определува со член 57 став 1 од Законот, а според ставот 2 од овој член, при утврдувањето на надоместокот за користење на авторското дело, секаде каде што е тоа можно се земаат предвид: квалитетот на делото, можноста за продажба на делото, материјалната корист што другата договорна страна ја постигнува со користење на делото и другите услови со кои можат да се утврдат резултатите што авторското дело ги постигнува во задоволувањето на општествените потреби.

Според член 91 од Законот авторски права врз основа на полномошно од авторот, а за изведување на музички несценски дела (мали права) и без такво полномошно, можат да ги остваруваат организациите на авторите или други организации ако нивната дејност на заштита на авторските права е регистрирана во согласност со Законот.

Согласно член 91-а од Законот, ако за јавно изведување на литературни и музички несценски дела не е склучен авторски договор или со договор не е утврдена висината на надоместокот организациите на авторите можат да го остваруваат надоместокот за авторите на тие дела во висина што тие организации ја утврдиле со општите акти.

Според член 94 од Законот приредувачите на културно-уметнички приредби и другите корисници на авторските дела се утврдени како носители на обврската да прибават дозвола за изведување на музичките дела, до органиацијата на автори, да достават програма на изведените дела и да уплатуваат авторски надоместоци за искористувањето на тие дела.

Со одредбите на Законот во делот на заштитата на авторскотои право и казнените одредби (членовите 101, 101-а,103, 103-а, 104, 105 и 105-а) за тие што не се придржуваат кон одредбите на Законот се предвидени кривични дела и прекршоци и е пропишана парична казна.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека авторското право претставува посебен облик на сопственичко право врз интелектуалните творби на човекот, кое во себе вклучува и материјално-правни и морални елементи и дека, како такво, ужива посебна заштита. Во оваа смисла, како елемент на неговите материјално-правни аспекти, со Законот е утврден и надоместокот за јавно изведување на музичките дела, чија височина се определува или конкретно-со авторски договор склучен помеѓу авторот и изведувачот, или општо (ако нема склучено авторски договор или со него не е утврдена висината на надоместокот) – со општиот акт на организацијата на соодветната група автори.

Тргнувајќи од содржината на одредбите на член 8 став 2, член 9, член 10 и втората реченица на член 14 од Правилникот, според кои се утврдува зголемен износ на авторскиот надоместок за недоставување на точни податоци, се утврдува двоен износ на висината на надоместокот ако музичките дела се користат без претходна дозвола, односно да се смета дека авторското дело е користено цел месец, без оглед на деновите во кои навистина е користено и се утврдува солидарна одговорност за плаќање на авторски надоместок, според мислењето на Судот, значат воведување на посебен вид санкции како метод на заштита на авторското право. Со таквиот нчин на заштита се надминуваат рамките на законските овластувања на организациите на авторите, во конкретниот случај на Сојузот на композиторите на Македонија, со општ акт да ја утврдуваат висината на надоместокот, ако за јавно изведување на музичките несценски дела не е склучен авторски договор или со договорот не е утврдена таквата висина. Исто така, начинот на заштита на авторското право, утврден со оспорените одредби, е во спротивност со одредбите за заштита на тоа право утврден со Законот, според кои, за тие што не се придржуваат кон неговите одредби се предвидени кривични дела и прекршоци и е пропишана висината на паричната казна. Врз основа на тоа, Судот оцени дека тие одредби од Правилникот не се во согласност со Уставот и Законот за авторските права.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.287/95)