365/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 јануари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на дел од Деталниот урбанистички план на град Струмица за блок бр.20, бр.02-61/1, донесена од Собранието на Општина Струмица на 10 март 1995 година.

2. На Уставниот суд на Република Македоднија му е поднесена иницијатива, од Марика Иванова и Димитар Трајков од Струмица, за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што во постапката на донесувањето Одлуката не била истакната на јавно место во Градот, што значело дека не бил обезбеден јавен увид во изменувањата и дополнувањата на Планот, и не биле повикани подносителите на иницијативата и другите граѓани да расправаат по нацрт-одлуката, што значело дека не била спроведена јавна расправа, поради што Одлуката не била донесена во постапка пропишана со одредбите на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.

Истовремено е побарано Судот да ги запре од извршување поединечните акти (Решение за локација бр.08-995/1 од 11 мај 1995 година и Одобрение за градба бр.09-2972/1 од 31 октомври 1995 година, донесени од подрачната единица на Министерството за урбанизам во Струмица) и дејствија (изградба на доградбата од Дончо Илиев – сосед на подносителите на иницијативата) донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука, до донесување конечна одлука на Судот, заради спречување да настанат тешко отстранливи штетни последици.

3. На седницата Судот утврди дека со Одлуката се определува изменување и дополнуваање на блок 20 од Урбанистичкиот план на Струмица, во делот на улица “Коста Бозов” на КП.бр.129-132, така што се предвидува доградба од приземје и кат на четири куќи и проширување на градежна парцела на КП.бр.129 (член 1), при што составен дел на Одлуката е графичкото решение (член 2).

Понатаму, во врска со постапката на донесувањето, Судот утврди дека нацртот на Одлуката бил усвоен од Собранието на Општина Струмица на 20 декември 1994година, со Заклучок бр.02-417/1, потоа, бил ставен на јавен увид во подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина во Струмица од 21 декември 1994 година до 10 јануари 1995 година, понатаму, на 10 јануари 1995 година била организирана јавна расправа, од која е составен записник на Комисијата за спроведување на расправата, на која учествувале и подносителите на иницијативата и кои изнеле одредени забелешки на предложените измени на Планот. Притоа, според Извештајот на подрачната единица на Министерството за урбанизам од 1 февруари 1995 година, забелешките биле прифатени и внесени во Планот, кој, потоа, бил донесен од Собранието на Општината.

4. Согласно член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Сл. весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90) урбанистичкиот план се изработува во две фази нацрт на план и предлог на план (став 1) при што нацртот задолжително се става на јавна расправа (став 2), која ја спроведува органот надлежен за урбанизам (став 3), така што планот се излага најмалку 15 дена во просторија на месната заедница, а граѓаните доставуваат забелешки до органот на управата за урбанизам во рок од 15 дена од завршувањето на расправата (став 4), со тоа што од прифатените забелешки се изработува предлог на планот (став 6). Според член 34 став 2 од Законот, собранието на општината го донесува урбанистичкиот план, а, согласно член 37 став 2 од Законот, измените и дополнувањата на урбанистичкиот план се вршат на начин и постапка како за нивното донесување.

Со оглед на тоа што по оспорената одлука бил обезбеден јавен увид и што била организирана јавна расправа од соодветен орган, на која учествувале и подносителите на иницијативата и чија забелешка била прифатена и вградена во донесената Одлука, со што е обезбедено учество на граѓаните во уредување на просторот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на донесувањето на Одлуката со изнесените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Со оглед на тоа што не поведе постапка, Судот оцени дека не е исполнета основната претпоставка за да се оцени дали се исполнети условите утврдени во член 27 од Деловникот на Судот за изрекување времена мерка .

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.365/95)