Вовед
1. Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 декември 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на точката 6 од Одлуката за определување на цените на комуналните услуги бр.02-27 од 22 февруари 1995 година, на Претпријатието за комунални дејности “Водовод” Ц.О. Богданци.
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на точката 2 од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Ангелко Стамков и други граѓани од Богданци, му поднесоа иницијатива за оценување уставноста и законитоста на точката 2 од Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата Претпријатието “Водовод” Богданци од домаќинствата наплатувало, на име цена за потрошена вода, двојни цени, односно една цена за потрошена вода од 10м3, а друга-повисока цена за потрошена вода над 10м3. Покрај овие двојни цени, Претпријатието наплатувало од работните организации и за инсталирани чешми по нивите за индустриска вода што служела за наводнување на земјоделските култури. Со определување на двојни цени за потрошена вода граѓаните биле ставени во нерамноправна положба што не било во согласност со уставното начело на еднаквост.
4. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се определуваат цените на комуналните услуги што ги пружа Претпријатието “Водовод” Ц.О.Богданци и тоа, за користење на вода, канализација, ѓубретарина и придонес за одржување на градски гробишта.
Според точката 1 од Одлуката корисници-домаќинства и детски градинки за користење на канализациона мрежа, плаќаат од м3 потрошена вода износ од 9,36 денари, а според точката 2, корисници претпријатија, деловни приватни локали, наводнување на градинариски култури од домаќинства што потрошиле повеќе од 10м3, месечно плаќаат 19,15 ден./м3.
Со точката 6 од оспорената одлука е определен придонес за одржување на градски гробишта и обавувањед на посебни услуги, без наплата на погребни трошоци, по едно домаќинство месечен износ 51,03 денари.
5. Според член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.
Според член 7 од Законот за водите, обезбедувањето на водоснабдувањето, режимот, употребата и користењето на водите се дејности од јавен интерес што ги вршат водостопански и други организации, а со член 10 е предвидено дека одредбите од овој закон се однесуваат и на водите за пиење. Според член 63 од овој закон, водите определени првенствено да се користат за водоснабдување на населението и за производство и преработка на прехранбени производи не смеат да се користат и за други намени на начин кој негативно влијае на количеството и квалитетот на водата и кој ја спречува првенствената намена.
Поаѓајќи од наведената уставна одредба и водата како добро во општа употреба ужива посебна заштита. Во таа смисла согласно наведените законски одредби организацијата што обезбедува водоснабдување на населението е овластена да го определи режимот на користењето на водата, а во тие рамки да го определи и количеството вода за пиење и за други потреби на граѓаните (пр.наводнување), како и цените за потрошената вода. Како една од мерките за обезбедување на водоснабдувањето организацијата може да утврди повисоки цени за повеќе потрошена вода од определената количина вода за пиење.
Со оспорената одлука се определени цените за вода и канализација при што една е цена за потрошена вода до 10м3, а друга за корисници-претпријатија, деловни приватни локали, за наводнување на градинарски култури од домаќинствата што потрошиле повеќе од 10м3 односно за потрошувачи кои имаат зголемена потрошувачка на вода што според мислењето на Судот не се во иста положба со потрошувачите до 10м3 вода односно се работи за зголемена потрошувачка на вода за пиење од одделни корисници.
Со оглед на тоа што потрошувачите на вода за пиење не се во иста положба Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на точката 2 од Одлуката со Уставното начело на еднаквост и со означените законски одредби поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.
6. Со членот 33 од Уставот е предвидено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Со член 7 од Законот за гробиштата (“Службен весник на СРМ” бр.18/73) е предвидено дека гробиштата се изградуваат, уредуваат и одржуваат во согласност со урбанистичките и санитарните прописи и на начин предвиден со пропис на општината, а според член 12 од Законот, употребата на гробиштата се регулира со пропис на општината. Со гробиштата се управува врз основа на правилата што ги донесува општината односно органот или организацијата што таа ќе ги задолжи.
Од наведените законски одредби произлегува дека општината или од неа овластена организација е овластена да ги уредува прашањата на употреба на гробиштата. Според тоа, ниту општината, ниту овластената организација не се овластени да воведуваат обврска за граѓаните на име цена за комунална услуга за одржување на гробишта.
Со оглед на тоа што со оспорената одлука преку цената за комунална услуга за одржување на гробиштата е утврдена обврска за граѓаните да плаќаат за овој вид услуга, се поставува прашањето за согласноста на овој дел од Одлуката со член 33 од Уставот и наведените законски одредби поради што Судот по сопствена иницијатива поведе постапка.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.291/95).