189/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 декември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 20 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.14/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Извршниот одбор на Здружението на пензионерите во Општина Дебар, за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова р ешение, затоа што со неа се предвидувало трошоците за доставување на пензиските примања да паднат на товар на пензионерите, што не било во согласност со одредбите од Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одредба се предвидува дополнување на член 176 став 1 точка 4 од Законот (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93 и 3/94) со додавање на зборовите “освен трошоците за доставување на пензиските примања кои паѓаат на товар на корисниците”.
Со тоа, членот 176 став 1 точка 4 од Законот определува дека средствата за пензиското и инвалидското осигурување можат да се користат, покрај другото, и за трошоците за работа на органот на Фондот и за извршување на управните, административните, финансиските, техничките и другите работи за спроведување на пензиското и инвалидското осигурување, освен трошоците за доставување на пензиските примања кои паѓаат на товар на корисниците.
Понатаму, Судот утврди дека, согласно член 5 од Законот, правата од пензиското и инвалидското осигурување се право на пензија (старосна, инвалидска, семејна и најнизок износ) и право на паричен надоместок (за делумна инвалидност и за телесно оштетување), при што секое од напред наведените права е понатаму разработено во Законот, но притоа ниедно од наведените права не го опфаќа доставувањето на пензиските примања до нивните корисници односно доставувањето на пензиите не претставува дел од правата од пензиското и инвалидското осигурување.
Исто така, Судот утврди дека, согласно член 172 став 1 од Законот, во Фондот с е обезбедуваат, покрај средства од придонесите, и средства од Буџетот на Републиката, потоа, средства од уплатите на фондовите од републиките на поранешна СФРЈ во кои бил уплатен дел од придонесите од лица кои сега остваруваат пензии преку Фондот на Република Македонија, средства од имотот на Фондот и средства од други приходи, при што средства обезбедени надвор од придонесите, пред се од Буџетот на Република Македонија според образло жението на предлогот за дополнување на оспорената законска одредба, се користеле и за поштенските трошоци околу доставувањето на пензиите, а износот бил поголем од трошоците за работа на стручната служба на Фондот.
4. Во член 34 од Уставот на Република Македонија се определува дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување, а во тие рамки и на пензиско и инвалидско осигурување, утврдени со закон и со колективен договор.
Со оглед на тоа што доставувањето на пензиските примања до нивните корисници, според Законот, не претставува право од пензиско и инвалидско осигурување, Судот утврди дека предвидувањето тие трошоци да не се плаќаат од средствата на Фондот не мо же да се смета како ограничување на правата на корисниците на пензии, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на член 20 став 1 од означениот закон со член 34 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевск и и д-р Тодор Џунов. У.бр.189/95