Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 декември 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Договорот за замена на интерни во обични акции бр.4798 склучен помеѓу Зоран Василевски и “ТЕТЕКС” АД Тетово на 15 мај 1995 година и потврдата што ја издал “Тетекс” АД Тетово со која се потврдува дека лицето Зоран Василевски има предадено 9 интерни акции на овластено лице во Комбинатот, а поради замена за обични акции согласно договорот бр.4798 од 15 мај 1995 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Зоран Василевски од Тетово му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, поради тоа што членот 4 од Договорот бр.4798 утврдувал дека имателот на интерни акции неотповикливо се откажува од било какво побарување спрема Друштвото по основ на интерните акции кои што се претвораат во обични, како и од било какви права и приговор што не било во согласност со член 15 од Уставот. Понатаму се наведува дека обичните акции сеуште не им биле дадени на сопствениците кои поради тоа не можеле да располагаат со нив со што им било ограничено правото на сопственост утврдено со член 30 од Уставот. Според подносителот на иницијативата, потврд ата што му била издадена за да му послужи за остварување на сите негови права кои му припаѓале како сопственик на обични акции се до фактичкото врачување на обичните акции, не била во согласност со член 14 став 4 од Законот за хартии од вредност според кој потврдата за имање на одреден број на акции може да послужи само како легитимација за учество во собранието на акционери.
3. Согласно член 110 став 1 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Со оглед на тоа што оспорениот договор и потврдата се поединечни акти кои гласат на име и со кои не се уредуваат односи на општ начин, Судот оцени дека согласно членовите 51, 52 и 110 од Уставот, не подлежат на уставно судско оценување поради што Судот не е надлежен да одлучува за нивната согласност со Устав и со закон и не се впушти во оценка на нивната суштина.
4. Согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Ј осиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.353/95