Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 декември 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 75 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 96 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Работничкиот совет на Основното училиште “Гоце Делчев” од Кавадарци му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 75 и 96 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, со член 75 од Законот, вработените се делеле во две категории и тоа на вработени во образованието и вработени во други дејности, така што, со таа одредба се скратувале правата од работен однос на вработените во образованието, што било во несогласност со член 108 од Законот за работнтие односи во кој биле утврдени општите услови за престанок на работниот однос. Понатаму, според подносителот на иницијативата, членот 96 од Законот, на вработените во образованието од другите струки (административно-технички и друг персонал) им го ускратувал правото да бидат бирани во училишниот одбор, што било во несогласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 75 од Законот, на учител, наставник, стручен работник и воспитувач кој за својата работа два пати едно по друго е оценет со незадоволителна оцена му престанува работниот однос.
Со член 96 став 2 од Законот се уредува дека училишниот одбор е составен од 11 член и тоа: четворица претставници од учителите, наставниците, стручните работници и воспитувачите, тројца претставници од родители на учениците, двајца претставници од основачот и двајца претставници од единицата на локалната самоуправа.
5. Според член 32 став 1 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденот за време на привремена невработеност, според ставот 2 од овој член, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според ставот 5 од овој член на Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективени договори.
Со член 2 од Законот за работните односи, работниот однос се уредува со овој или со друг закон и колективен договор, а со член 108 од Законот се определуваат начините за престанок на работниот однос по сила на закон.
Заради специфичниот карактер на воспитно-образовната дејност, со Законот за основното образование, покрај другото, се уредува дека таа дејност во основното образование можат да ја вршат учителите, наставниците, стручните работници (педагог, психолог, дефектолог, социјален работник, библиотекар) и воспитувачите. Понатаму, се утврдуваат условите и начинот на изборот на тие лица, кои согласно член 73 став 1 од Законот, се должни перманентно стручно да се усовршуваат. Според член 74 став 1 од Законот, тие се оценуваат секоја втора година, а според ставот 4 од овој член на Законот, резулататот од оценувањето овозможува стекнување со звање. Доколку за својата работа, според оспорената одредба на член 73 од Законот, учителот, наставникот, стручниот работник и воспитувачот, два пати едно подруго е оценет со незадоволителна оцена му престанува работниот однос.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, јасно произлегува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори и дека тие права за учителите, наставниците, стручните работници и воспитувачите во основното образование се уредени со Законот за основното образование. Со оспорената одредба, според мислењето на Судот, не се врши поделба на вработените на две категории, туку се утврдува престанок на работниот однос на лицето кое врши воспитно-образовна работа ако за својата работа два пати едно подруго е оценето со незадоволителна оцена. Според тоа, таквиот критериум утврден со Законот, не може да се свати како ускретување на уставното право на работа, поради што пред Судот не се постави прашањето за соглансоста на оспорената одредба на член 75 од Законот за основното образование со одредбите на Уставот.
Во однос на наводите во иницијативата за несогласност на оспорената одредба со член 108 од Законот за работните односи, Судот согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.
6. Што се однесува до оспорената одредба на член 96 став 2 од Законот за основното образование, Судот постапувајќи по предметот У.бр.303/95 на седницата одржана на 22 ноември 1995 година донел решение за неповедување постапка за оценување уставноста на оваа одредба од Законот, бидејќи оценил дека утврдената структура и состав на членовите на училишниот одбор е во согласност со член 58 став 2 од Уставот. Исто така, Судот оценил дека избирачкото право не го апсорбира правото на вработените и другите лица да одлучуваат во работењето и изборот на органите на претпријатијата, јавните установи и служби, поради што не го поставил прашањето за согласност на оваа одредба со член 22 од Уставот.
Со оглед на тоа што Судот за оваа работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, Судот ја отфрли иницијативата во овој дел.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од п ретседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.339/95