Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 ноември 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на
а) Одлуката за овластување на Министерството за одбрана за преземање на недвижностите, опремата, инвентарот и другите средства што досега ги користеше државата СФРЈ – ССНО на територијата на Републиката кои согласно член 134 од Законот за одбрана се државна сопственост на Република Македонија и за ставање на користење на истите на Министерството за одбрана, донесена од Владата на Република Македонија на 28 февруари 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/92).
б) Уредбата за начинот и условите за продажба на становите и деловниот фонд на ЈНА што се во државна сопственост на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија на 12 март 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/92).
в) Решението за утврдување на просечните цени на градење на становите од станбениот фонд на Министерството за одбрана на Република Македонија, донесено од министерот за одбрана на 3 март 1994 година.
г) Дописите на министерот за одбрана бр.13-707/65 од 26 октомври 1992 година, бр.13-207/80 од 6 јануари 1993 година и бр.1142/1 од 15 април 1995 година.
2.На Уставниот суд на Република Македонија, Ристо К. Не човски полковник во пензија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што со член 3 став 3 и 4 од Одлуката означената под точка ” а” станбениот фонд на ЈНА имал посебен третман од другиот недвижен имот што го користела ЈНА на територијата на Република Македонија, поради што бил предвиден и посебен начин на примопредавање. Со оглед на тоа што овој фонд бил примен во “пакет” како државна сопственост еден дел од воените пензионери бил “исфрлен” од правото да користат или откупат воен стан. Поради овие причини дел од граѓаните кои поседувале потврди за ревалоризираниот придонес од воениот станбен фонд иако поднесувале барања да им се исплати тој придонес биле упатувани овие свои барања да ги остваруваат преку суд, со што се создавала нееднаквост меѓу граѓаните.
Во уводниот дел од Уредбата означената под точка “б” не биле опфатени членовите 133 и 128 од Законот за одбрана кои предвидувале донесување на оредени подзаконски акти кои би биле со поинаква содржина од член 2 од Уредбата и со кои ќе се овозможело да им се исплати ревалоризираниот износ на придонесот на сите оние лица кои поседуваат потврди за тој придонес. Со оспорената уредба исто така, се ограничувал суверенитетот на Република Македонија и се овозможувало становите да се продаваат по многу пониски администртивни не економски цени.
Решението означено подточка “в” било донесено врз основа на ” најконтраверзната” одредба од член 2 од погоре означената уредба. Со решението биле опфатени само дел од елементите за формирање на цената определени во Упатството за методологијата за утврдување вредноста на станбениот фонд на ЈНА. Со точка 5 од Решението бил утврден износот за ревалоризација на придонесот, што не било во надлежност на Министерот за одбрана, туку било во надлежност на Владата на Република Македонија.
Потврдите давани за ревалоризираниот износ на придонесот требало да послужат или за откупување на стан од странбениот фонд на ЈНА или истите средства да му се исплатат на доносителот на таа потврда заради купување стан во лична сопственост. Меѓутоа, Министерството за одбрана подносителот на иницијативата со оспорените дописи го известило дека за добивање на воен стан не ги исполнува условите според соодветниот правилник, а за придонесот го упатиле своето барање да го остварува преку суд.
3. Судот на седницата утврди дека со Одлуката означена под точката “а” од ова решение се овластува Министерството за одбрана да го изврши преземањето на недвижностите, опремата, инвентарот и другите средства што досега ги користеше државата СФРЈ – ССНО на територијата на Република Македонија, кои согласно член 134 од Законот за одбрана се државна сопственост на Република Македонија (член 1). Според член 2 преземените недвижности и други средства од член 1 времено се ставаат на користење на Министерството за одбрана, а за дефинитивна употреба на недвижностите и другите средства ќе одлучува Владата на Република Македонија по предлог на Министерството за народна одбрана.
Преземањето на недвижностите и другите средства, според член 3 од Одлуката, ќе се изврши врз основа на претходно извршен попис од страна на пописни комисии. Комисиите за попис се задолжени посебно да го искажат извршениот попис на испразнетите станови од станбениот фонд на ЈНА, користени од активни воени лица, воени службеници и граѓански лица на служба во ЈНА (член 3 став 3 од Одлуката). За користење на становите од став 3 Министерството за одбрана по потреба издава времени решенија со право на користење најмногу 6 месеци (член 3 став 4 од Одлуката). За најдената состојба комисиите составуваат записник (член 4) и според член 5 од Одлуката, Одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
Од изнесената содржина од Одлуката според мислењето на Судот може да се констатира дека таа нема нормативен карактер, односно со неа не се создаваат права и обврски за неограничен број субјекти, туку само се овластува Министерството за одбрана привремено да користи дел од стредствата што се во државна сопственост.
Со оглед на тоа Судот оцени дека таа не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, поради што не е надлежен да ја оценува нејзината уставноста и законитост и одлучи како во точка прва под “а” од ова решение.
4. Во однос на оспорената Уредба означена под точка “б” од Решението, Судот утврди дека истата веќе ја оценувал и по предметот У.бр.183/92 донел решение за неповедување на постапка, а по предметот У.бр141/95 ја отфрлил иницијативата, затоа што не нашол основ за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што и по повод на оваа иницијатива Судот не најде основ на поинакво одлучување, одлучи како во точката прва под “б” од ова решение.
5. Разгледувајќи го оспореното решение, означено во точката “в” Судот утврди дека со него, согласно точка 25 од Упатството за методологијата за утврдување вредноста на станбениот фонд на ЈНА, е утврдена цената на градењето на становите, кое претставува основ за утврдување на висината на станарините, закупнините и надоместоците за одржување на заедничките делови и инсталациите во станбените згради, вредноста на становите и најниската рата при откупот на станот. (точка прва од решението). Во натамошните одредби од Решението утврдена е конкретната цена на градењето по гарнизони и наведено дека таа ќе се менува секој први во месецот зависно од промената на средниот курс на денарот кон германската марка и ќе се намалува зависно од трошоците за комунално уредување и опремување на земјиштето. Во точката 5 од ова решение е предвидено дека станбениот придонесе ќе се ревалоризира за 140,90 пати во однос на основицата на станбениот придонес од декември 1990 година и ќе се применува од 4 март 1994 година до 31 март 1994 година, а од 1 април 1994 година станбениот придонес ќе се ревалоризира според промените настанати со промената на средниот курс на денарот во однос на германската марка.
Од изнесената содр жина на оспореното решение, исто така Судот заклучи дека со него не се уредуваат права и обврски односно тоа нема карактер на пропис, во смисла на член 110 од Уставот, поради што оцени дека не е надлежен да ја оценува неговата уставност и законитост и одлучи како во точка прва под “в” од ова решение.
6. Понатаму, Судот утврди дека со оспорените дописи означени во точка “г” ; од решението министерот му одговра на подносителот Нечоски Ристо, дека со оглед на тоа што тој откупил стан од СИЗ за становање на град Скопје со лични средства и делумно со средства од Воениот сервис на поранешна ЈНА, а не е лице опфатено со член 37 став 1 од Правилникот за станови во ЈНА, не ги исполнува условите да му се отстапи за откуп стан од станбениот фонд на Министерството за одбрана, а ревалоризираниот износ на придонесот за станбена изградба служи само за смалување на откупната цена на становите и не е пропишана обврска овој придонес да му се исплаќа на лица кои не откупуваат стан од станбениот фонд на поранешна ЈНА.
Во понатамошните дописи од Министерството за одбрана странката се упатува на судски спор за остварување на своето побарување.
Исто така, според мислењето на Судот, од содржината на означените дописи може да се утврди дека тие немаат нормативен карактер и дека не претставуваат прописи во смисла на член 110 од Уставот.
Поради тоа Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува нивната уставност и законитост и одлучи како во точката прва под “г” од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од п ретседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.У.бр.302/95