301/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 ноември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 19 став 1 од Правилникот за времето и начинот на упатување на регрутите на отслужување на воениот рок, одлагањето и прекинот на служењето на воениот рок и отпуштањето на војниците од постојниот состав на Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија Сашо Христов од Штип му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 19 став 1 од Правилникот означен во точка 1 од ова решение, затоа што не бил во согласност со член 9 и член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, како и со член 129 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92).
3. Судот на седницата утврди дека според член 19 став 1 од Правилникот регрутите-питомци на воените училишта на поранешната ЈНА на кои им е прекинато школувањето во втората учебна година по кој и да е основ до 15.02.1992 година, а немаат услови за регулирање на воената обврска на друг начин, ќе бидат упатени на отслужување на воениот рок во упатниот рок што ќе го изберат, а регрутите-питомци, што ќе го продолжат школувањето односно висока или виша школа – по завршувањето, а најдоцна до наполнувањето на 26 години живот.
4. Според член 9 став 1 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член на Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со член 28 став 1 од Уставот се уредува дека одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин, а според став 2 од овој член на Уставот, остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.
Извршувањето на воената обврска, според член 2 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92 и 30/95), е едно од правата и должностите на граѓаните во одбраната на Републиката. Во таа смисла, според член 3 став 1 од Законот, воената обврска на граѓаните е општа, а според член 4 од Законот, воената обврска се состои од регрутна обврска, обврска за служење на воен рок и обврска за служење во резервен состав.
Обврската за служење на воен рок, поконкретно е разработена со одредбите на член 60 до 65 од Законот, при што се утврдени годините на старост на регрутите до кои тие мораат да се упатат на служење во воениот рок, како и се утврдуваат лицата кои се ослободуваат од обврската за служење на воениот рок.
Според член 129 од Законот војниците од Републиката што биле упатени на отслужување на воениот рок во ЈНА, а не го дослужиле до влегување во сила на овој закон, се преведуваат во резервен состав.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, јасно произлегува дека одбраната на Република е право и должност на секој граѓанин и дека граѓаните се еднакви во нејзиното остварување, а извршувањето на воената обврска е едно од тие права и должности и тоа е општа за сите граѓани и се состои од регрутна обврска, обврска за служење на воен рок и обврска за служење во резервен состав.
Врз основа на законски утврдените основи, со оспорената одредба од Правилникот, која поаѓа од една затечена состојба предизвикана со распадот на поранешна Југославија и нејзината ЈНА, се уредуваат прашањата за времето и начинот на упатување на отслужување на воениот рок на регрутите-питомци кои го изгубиле статусот на питомци, а се стекнале со статус на учесници во средното образование. Тие, што не го продолжиле школувањето во висока или виша школа или факултет, се регрутираат и упатуваат на отслужување на воениот рок по наполнување на 19 години живот, а тие што ќе го продолжат школувањето се упатуваат да ја исполнат оваа обврска по завршеното школување, а најдоцна до 26 години живот. Според тоа, за нив важат и се применуваат еднакви правила како и за сите други граѓани на Републиката.
Наведената категорија на лица, според мислењето на Судот, не можат да се изедначат со војниците од Републиката што биле упатени на отслужување на воениот рок во ЈНА, а не го дослужиле до влегувањето во сила на Законот за одбрана, и кои се преведуваат во резервен состав. Тргнувајќи од околноста дека со оспорената одредба од Правилникот на единствен начин се уредува прашањето за времето и начинот на упатување на отслужување на воената обврска на сите лица што се наоѓаат во иста положба (регрути-питомци на воените училишта на поранешната ЈНА на кои им е прекинато школувањето во втората учебна година по која и да е основ до 15.02.1993 година, а немаат услови за регулирање на воената обврска на друг начин) и дека тие не се изедначуваат со војниците кои се наоѓаат во поинаква положба (дослужувањето на воениот рок се врши преку преведување во резервен состав), Судот оцени дека не се нарушува уставниот принцип за еднаквост на граѓаните.
Понатаму, според член 52 став 4 од Уставот законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Законот за одбрана е донесен на 14 февруари 1992 година и истиот влегол во сила наредниот ден од денот на објавувањето, односно на 15 февруари 1995 година.
Тргнувајќи од тоа дека со оспорената одредба од Правилникот се уредува времето и начинот на упатување на отслужување на воениот рок на регрутите-питомци на воените училишта на поранешна ЈНА на кои им е прекинато школувањето во втората учебна година до донесување на Законот за одбрана, односно се уредува нивниот статус по влегувањето во сила на овој закон, како и статусот на војниците кои биле упатени на отслужување на воениот рок во поранешна ЈНА, и дека таквиот начин, се однесува, на сите лица што се нашле во иста положба, според мислењето на Судот, не станува збор за повратно дејство на оваа одредба. Тоа, уште повеќе ако се има предвид и оценката на квалификативот “поповолно за граѓаните”. Имено, оваа категорија на лица со настанатите состојби предизвикани од распадот на поранешна Југославија и нејзината ЈНА, го изгубија дотогашниот статус на питомци од самиот факт што во Република Македонија немаше воени училишта. Оценката за поволност за едни, во исто време може да значи неповолност за други.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба на член 19 став 1 од Правилникот, не е во несогласност со уставниот принцип за еднаквост на граѓаните и забраната на повратното дејство, поради што не може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 9 и член 52 став 4 од Уставот и со член 129 од Законот за одбрана.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.301/95).