270/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 ноември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Одлуката за утврдување висина на закупнината што се плаќа по м2 корисна површина за користење на деловен простор со кој стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, Ц.О. Скопје, донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие на 14 април 1995 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од група корисници на деловниот простор во Градскиот трговски центар во Скопје, за поведување постапка за оценување уставноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се определувало висината на закупнината на деловните простории со кои стопанисува Претпријатието да се зголеми за 100%, без да постојат критериуми и стандарди за тоа, што значело монополско однесување и нарушување на слободата на пазарот и претприемништвото, поради што оспорената одлука не била во согласност со член 55 од Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека Одлуката е донесена врз основа на член 5 став 1 алинеја 3 од Законот за стопа-нисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр,2/94), според која одредба Управниот одбор на Претпријатието е овластено да ја утврдува висината на закупот и да склучува договори за користење на деловните простории кои се на Републиката. Понатаму, со Одлуката се утврдува дека висината на закупнината се зголемува за 100% повеќе од постојното ниво (член 1), дека закупнината за 1м2 корисна површина на деловниот простор во “екстра” зоните е најмалку 10 Дем во денарска противвредност односно 3 Дем за последната зона (член 2) и дека средствата од ова зголемување на закупнината се наменети за поделба на поголемите деловни единици во помали, заради продажба на пазар по посебна програма (член 3). Исто така, се предвидува зголемувањето на закупнината да не се однесува за корисниците на деловниот простор чии дејности се финансираат од буџетот на Република Македонија, како и кои го издале просторот во подзакуп (франшиза) – член 4, а корисниците кои стекнале право на користење деловни простории по пат на лицитација, привремено, до истекот на поединечно склучените договори, нема да го плаќаат ова зголемување на закупнината (член 5). Закупнината, пак, на деловните простории за кои се врши физичко обезбедување, ПП заштита, одржување на заеднички простории, опрема и комуникации, одржување на хигиена и слично, се зголемува за стварните трошоци по тие основи (член 6). Одлуката влегува во сила од 1 јуни 1995 година, а ќе се објави во “Службен весник на РМ” (член 7) – објавена е на 8 јуни 1995 година.
Судот, исто така, утврди дека ја оценувал оспорената одлука, при што со решение У.бр.267/95 од 18 октомври 1995 година ја отфрли иницијативата на тој подносител, затоа што оцени дека Одлуката не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку со неа се уредуваат облигациони односи за закуп на деловни простории помеѓу Републиката како сопственик и закуподавач со закупецот, а преку Јавното претпријатие за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Републиката, поради што Уставниот суд не е надлежен да одлучува по неа.
4. Со оглед на тоа што по оспорената одлука Уставниот суд веќе одлучувал, а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.270/95