292/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 ноември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 37 став 4 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 14/95)
2. На Уставниот суд на Република Македонија Борис Георгиев од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 37 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со примена на оспорената одред ба му била утврдена старосна пензија во износ од 13.492 денари, која според него, требало да биде повисока за 1/5 и дека таквата “несправедлива” одредба била во несогласност со Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека во претходната постапка било констатирано дека иницијативата не ги содр жи потребните елементи од член 15 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, заради што, согласно член 16 од Деловникот, од нејзиниот подносител, со писмо У.бр.292/95 од 9 октомври 1995 година, се барало да ги отстрани недостатоците на иницијативата во смисла на тоа што ќе ги наведе одредбите од Уставот на кои ја спротивставува оспорената одредба, поконкретно ќе ги изнесе неговите сомневања во уставноста на оспорената одредба и ги наведе причините за нејзиното оспорување. Притоа, на подносителот на иницијативата му било укажано дека Уставниот суд не е надлежен за појаснување на примената на одредбите од Законот, односно за спроведливоста и неспроведливоста на начинот за усогласување на старосната пензија, на која всушност се приговара во иницијативата.
Во рокот определен за тоа, подносителот на иницијативата не ги отстрани нејзините недостатоци, поради што Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.292/95