135/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 ноември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузијата (“Службен весник на РМ” бр.2/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Здружението за заштита на човековите права во Радовиш, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбата на член 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение затоа што не била во согласност со Уставот. Според наводите во иницијативата со оспорената одредба сите граѓани во Република Македонија биле задолжени да плаќаат надоместок за користење на радиодифузни приемници во еднаков износ – 4% од просечната плата во стопанството во Републиката, при тоа не земајќи ги предвид приходите по член на семејството и тешката економска положба на одделни граѓани во Републиката.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одредба во членот 36 од Законот за радиодифузијата (“Службен весник на СРМ” бр.20/74), се додаваат два нови става според кои “корисникот на радиодифузен приемник плаѓа надоместок за користење на радиодифузните приемници секој месец.
Надоместокот за користење на радиодифузните приемници, корисникот го плаќа во висина од 4% од просечната плата во стопанството во Републиката, исплатена во последниот месец, објавен од Заводот за статистика”.
4. Во член 33 од Уставот е предвидено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Од наведената уставна одредба, произлегува обврска за секој граѓанин да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон. Оваа обврска не зависи од материјалните можности на граѓаните, односно граѓаните се должни да ја намируваат оваа јавна давачка независно од нивните материјални можности. Поаѓајќи од тоа што обврската за плаќање на надоместокот за користење на радиодифузен приемник го има за основа поседувањето на радиодифузен приемник, секој граѓанин е должен да го плаќа во еднаков износ, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 9 од Уставот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.У.бр.135/95