Вовед
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за усвојување на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план на 4-та урбана единица Охрид за дел од Месната заедница “Воска” – Охрид, донесена од Собранието на Општина Охрид на 13 април 1995 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. СЕ УКИНУВА времената мерка за запирање од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука.
4. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.178/95 од 13 септември 1995 година поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со закон.
5. На седницата Судот утврди дека со Одлука У.бр.74/94 од 15 февруари 1995 година ја укинал Одлуката за усвојување на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план на 4-та урбана единица во Охрид од 17 февруари 1994 година, затоа што во постапката за донесување на планот, мислењето на Републичкиот завод за заштита на природните рекости било презентирано на денот на одржувањето на седницата на Собранието на која е донесена оспорената одлука и еден дел од него е прифатен со оспорениот заклучок, а притоа, заклучокот не е вграден во одлуката, ниту е објавен во “Службен гласник” во кој е објавена оспорената одлука; што пред донесувањето на планот не е вклучен Заводот за заштита на спомениците на културата во Охрид; што согласноста од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија е дадена по донесувањето на оспорената одлука, поради што Судот оценил дека оспорената одлука не била донесена во постапката предвидена со закон.
Судот, понатаму, утврди дека Собранието на Општина Охрид на седницата од 13 април 1995 година ја донело оспорената одлука, а во постапкта за нејзиното донесување сметајќи дека за извршувањето на одлуката на Судот У.бр.74/94 е доволно да ја спроведе онаа постапка за која Судот интервенирал, прибавило само согласност за измените на Планот од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина и мислење од Заводот за заштита на спомениците на културата во Охрид, без претходно да спроведе јавна расправа и повторно да прибави мислење од Републичкиот заводот за заштита на природните реткости.
6. Со оглед на последиците врз оценуваниот акт правното дејство на одлуките на Уставниот суд се изразува како престанување на важењето на неуставниот односно незаконитиот акт и создавање правна празнина на местото на оние норми за кои е оценето дека не се во согласност со Уставот и со закон. Одлуката на Уставниот суд не може да биде извор на правото на ист начин како оценуваната правна норма, затоа што на таквата намена не и соодветствува ниту формата ниту содржината. Ме|утоа, одлуката на Уставниот суд претставува специфичен извор на правото со самото тоа што содржи заповед во правна смисла односно со самото тоа што со својата содржина врши влијание врз содржината на објективниот правен поредок на тој начин што на неуставните и незаконитите општи правни норми им ја одзема правната задолжителност и ги елиминира како правила на општествено однесување. Значи, одлуката на Уставниот суд и во овој случај претставува извор на правото во негативна смисла со обврзување на доносителот на актот и на другите субјекти
создадената правна празнина да ја почитуваат се додека не биде пополнета со донесување на нови правни норми кои се во согласност со Уставот и со законот.
Во конкретниот случај, тоа обврзува донесување на нова одлука на која ќе и претходи целокупната постапка предвидена со закон, со што се обезбедува зајакнувањето на правното дејство на одлуките на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста.
7. Согласно член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 18/89), нацртите на плановите задолжително се ставаат на јавна расправа која се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот на управата надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа. Врз основа на прифатените забелешки од јавната расправа се подготвува предлог планот. Согласно член 33 од Законот, органот на управата надлежен за урбанизам му доставува на републичкото собрание односно на собранието на општината, предлог на просторен односно урбанистички план заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.
Според член 9 став 1 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (“Службен весник на СРМ” бр.45/77, 8/80, 51/88) градежните, хидромелиоративните, хортикултурните и други работи на крајбрежјето на езерото можат да се изведуваат само под услови и на начин утврдени со просторните планови на регионите, просторните планови на општините Охрид, Струга, Ресен и Гевгелија, а согласно став 2 на овој член од Законот, урбанистичките планови на населени места и урбанистичките планови на подрачје со посебна намена, како и прописите за спроведување на овие планови, се донесуваат по претходно прибавено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.
Согласно Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство, а која согласно член 118 од Уставот на Република Македонија и член 3 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија претставува дел од внатрешниот правен поредок на Републиката и согласно обврските кои се содржани во досието за номинација на охридското природно и културно-историско подрачје во списокот на УНЕСКО, се обезбедува заштита на крајбрежниот простор на Охридското Езеро во длабочина од 300 до 1000 метри, во зависност од условите на рељефот и потенцијалните опасности од деградација.
Од изнесените законски одредби произлегува дека како дел од постапката за донесување на урбанистички планови претставува и јавната расправа и за урбанистичките планови кои предвидуваат градежни и други работи во крајбрежјето на езерото, кое е под посебна заштита, мора да се прибави и мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.
Со оглед на тоа што за донесување на одлуката не е одржана нова јавна расправа и повторно не е добиено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости, Судот оцени дека таа не е во согласност со означените законски одредби.
7. Со оглед на тоа што Судот го поништи актот означен во точката 1 од оваа одлука ја укина и привремената мерка за забрана на извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на таа одлука.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
9. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.