233/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 октомври 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 1, 5 и 6 од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Владимир Вешоски и Јован Донески од Струга му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 1, 5 и 6 од Деловникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што тие не биле во согласност со член 89 став 1 од Устгавот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека со член 1 од Деловникот се уредува дека со Деловникот во согласност со Уставот на Република Македонија и со Законот за Владата на Република Македонија и други закони, поблиску се уредува внатрешната организација и се уредува начинот на остварување на односите на Владата со Собранието на Република Македонија и другите органи, односите и соработката на Владата со други организации, како и други прашања од значење за работата и организацијата на Владата.
Според член 5 од Деловникот, претседателот на Владата го заменува потпретседателот на Владата според редоследот што ќе го утврди претседателот на Владата.
Со член 6 став 1 од Деловникот се уредува дека на претседателот на Владата во вршењето на неговите права и должности му помагаат потпретседателите на Владата. Според ставот 2 од овој член, претседателот на Владата може да им довери на потпретседателите на Владата вршење на одделни работи што произлегуваат од неговата надлежност, а според ставот 3 од овој член на Деловникот потпретседателите на Владата се грижат за извршување на работите од надлежност на Владата и ја координираат работата на органите на управата по одделни прашања за кои ќе ги задолжи претседателот на Владата.
4. Според член 89 став 1 од Уставот, Владата ја сочинуваат претседател и министри, а со ставот 6 од овој член на Уставот, организацијата и начинот на работата на Владата се уредува со закон.
Со член 21 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/94) се уредува дека Претседателот на Владата од редот на министрите определува еден или повеќе потпретседатели. Според ставот 2 од овој член на Законот, работите и задачите на потпретседателите поблиску се определуваат со Деловникот за работа на Владата на Република Македонија.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи предвид дека со оспорените одредби од Деловникот, потпретседателот не се определува како посебна функција со која се проширува составот на Владата, туку тој и натаму останува само министер, односно член на Владата со доверени работи од надлежноста на претседателот на Владата и нема статусни и други посебни права надвор од тоа, Судот оцени дека тие одредби од Деловникот имаат основ во член 21 став 2 од Законот, поради што не го постави прашањето за нивната согласност со член 89 став 1 од Уставот и со Законот за Владата на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.233/95).