161/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основана член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставен суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 октомври 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за утврдување на висината на месечниот придонес по броило што ќе го плаќаат потрошувачите на електрична енергија за одржување на уличното осветлување во градот Пробиштип и други населени места, донесена од Собранието на Општина Пробиштип на седницата одржана на 27 мај 1992 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.161/95 од 7 јуни 1995 година, по поднесена иницијатива, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена воточката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 33, 68 и член 114 став 4 од Уставот на Република Македонија и со член 5 од Законот за буџетите (” Службен весник на Република Македонија” бр.79/93).

4. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се утврдува месечниот придонес по броило што ќе го плаќаат потрошувачите на електрична енергија за одржување на уличното осветлување во градот Пробиштип и други населени места на подрачјето на Општината. Според член 2 од Одлуката под иматели на броила се подразбираат потрошувачите на електрична енергија од категоријата домаќинства и потрошувачите на електрична енергија од категоријата “останати потрошувачи”, а според членот 3, висината намесечниот придонес по броило изнесува 100 денари месечно.

Во членот 4 од Одлуката е предвидено дека електродистрибутивната организација – Погон Пробиштип врши редовно фактурирање на Општината за потрошена електрична енергија за улично осветлување и за одржување на истото. Вредноста на фактурта се наплатува од средствата што ги собира електро-дистрибутивната организација – Погон Пробиштип, со сметките за наплата на електрична енергија, а по претходно извршена контрола од страна на комуналниот инспектор на поднесената пресметка до Собранието на Општината за наплата на средствата, а според член 5, Електродистрибутивната организација во текот на три месеци поднесува пресметка до Собранието за висината на собраните средства и нивната потрошувачка.

Според членот 6 од Одлуката, Општината во текот на годината, доколку средствата од месечниот придонес по броило не ги покриваат трошоците за уличното осветлување и неговото одржување, е должна месечниот придонес по броило да го усогласи со потребите.

Со членот 7 е предвидено дека Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се применува од 1 мај 1992 година, како и дека ќе се објави во “Службен гласник на Општина Пробиштип.

5. Според член 33 од Уставот на Република Македонија секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 68 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки, а согласно член 114 став 4 од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и од средства на Републиката.

Според член 5 од Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/93), приходите на единиците на локална самоуправа се обезбедуваат од даноци и тоа: данок на имот, данок на наследство и подарок и данок на промет на недвижности и права; од такси и тоа: комунални такси, дополнителени приходи од Буџетот на Републиката, во согласност со посебен закон; риходи од донации примени од земјата и странство; и други приходи отстапени на буџетите на едниците на локалната самоуправа по разни основи, во согласност со закон.

Според член 4 став 1 точка 12 од Законот за комуналните такси (“Службен весник на СРМ” бр.45/72, 39/77, 42/80, 11/91 и “Службен весник на Република Македонија”бр. 28/91, 34/92, 43/93, 17/93, 45/93 и 33/95), комунални такси се плаќаат, меѓу другото, и за користење и одржување на јавно осветлување, а според ставот 4 на овој член, под корисник на јавно осветлување се подразбира секој имател на броило од категоријата домаќинство и секој имател на броило од категоријата “останата потрошувачка”

Според тарифниот број 12 од Тарифата за комуналните такси, за користење и одржување на јавно осветлување се плаќа комунална такса во висина на противвредност од 15 квч по цена за јавно осветлување за секое броило за мерење на електрична енергија.

Наплатата на таксата за користење и одржување на јавно осветлување од имателите на броилло ја врши Јавното претпријатие за производство, пренесување и дистрибуција на електрична енергија и ја уплатува на соодветна сметка кај институтцијата за платен промет, во рок од 15 дена од извршената наплата.

Од наведените уставни одредби произлегува дека граѓаните плаќаат јавни давачки на начин утврден со закон и дека јавните давачки ги утврдува Собранието на Република Македонија, а општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.

Со оспорената одлука Собранието на Општина Пробиштип утврдило обврска за граѓаните да плаќаат придонес за одржување на уличното осветлување во градот и други населени места и го уредило начинот на наплатата (со наплатата на електричната енергија), иако, според мислењето на Судот претставува пропис со кој се утврдува јавна давачка како извор на приходи на Општината.

Со оглед на тоа што општината со закон не е овластена да утврди обврска за плаќање комунална такса за користење и одржување на јавно осветлување, како приход на општината, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со означените уставни и законски одредби поради што одлучи каково точката 1 од оваа одлука.

6. Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Н едков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.161/95