242/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 12 октомври 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 1 став 4 од Одлуката за стапките и основиците за пресметување и плаќање на придонесите за здравствено осигурување во Македонија, донесена од Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/91, 32/92 и 48/93).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на член 1 став 5 од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
3. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето за изрекување времена мерка.
3. На Уставниот суд на Република Македонија Адвокатската комора на Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на член 1 точките 4 и 5 од одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што основицата за пресметување на придонесот за здравствено осигурување за лицата на кои не им се утврдува личен доход ја определил императивно со подзаконски акт-одлука, а основицата е определена со Законот за здравствена заштита кој одредил дека таа не може да биде помала од цената на работната сила за соодветен степен на сложеност на трудот за соодветна гранка, односно, Собранието со одлуката ги пречекорило овластувањата со тоа што со подзаконски акт го менува Законот воведувајќи нова категорија на сложеност на трудот по стручна спрема определувајќи ја основицата четири пати повисоко од онаа што е утврдена со закон, што не било во согласност со Уставот и со закон.
Воедно во иницијативата се бара Судот, до конечното одлучување да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија што ќе бидат преземени врз основа на оспорениот акт.
5. На седницата Судот утврди дека со член 1 од Одлуката е утврдена стапката на придонесот за задолжително здравствено осигурување за основна здравствена заштита на работниците во организациите, на работниците кај приватните работодавачи, граѓаните кои се занимаваат со дејност со личен труд и средства во сопственост на граѓаните, граѓаните кои вршат професионална дејност и др. Притоа, со ставовите 1 и 2 е утврдено дека основицата за пресметување на придонесите претставува остварениот бруто личен доход на осигурениците, додека според ставот 3, за осигурениците на кои не им се утврдува личен доход, основицата за пресметување и плаќање на придонесот претставува нивната даночна основица. Понатаму, со ставот 4 утврдено е дека основицата за пресметување на тој придонес не може да биде помала од висината на цената на работната сила со најмала сложеност.Според ставот 5 од Одлуката до утврдувањето на коефициентите на сложеност на трудот со посебни прописи односно со колективен договор, наведената основица неможе да биде пониска од најниската цена на работната сила корегирана со коефициентите што во продолжение на оваа одредба од одлуката се утврдени за секој степен на стручна подготовка одделно.
6. Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдено со закон и со колективен договор.
Со член 12 од Законот за здравствена заштита се утврдени категориите на граѓани на кои им се обезбедуваат правата од основна здравствена заштита. Во членот 64 од Законот е утврдена обврска за плаќање придонес од личниот доход на осигурениците заради обезбедување на средства за основната здравствена заштита, по пат на задолжително здравствено осигурување, при што како носители на оваа обврска, покрај другите, се и работниците кои со личен труд вршат дејност. Со членот 65 е утврдено дека основицата за здравствено осигурување е остварениот бруто личен доход, а на граѓаните на кои не им се утврдува остварениот личен доход таква основица е даночната основица. И во едниот и во другиот случај основицата е утврдува најмалку во висина на цената на работната сила за соодветен степен на сложеност на трудот за соодветната гранка. Согласно член 67 став 2 од Законот за осигурениците кои не остваруваат личен доход, пензија или надоместок, основицата за пресметување и плаќање на придонесот за здравствено осигурување се утврдува со актот со кој се определува висината на придонесот за задолжително здравствено осигурување. Спорд членот 71 висината на придонесите за здравствено осигурување ги утврдува Собранието на Република Македонија на предлог на Владата.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека правото на здравствено осигурување на граѓаните, како составен дел на социјалното осигурување се отварува под услови, на начин и во постапка утврдени со закон и со колективен договор. Понатаму, произлегува дека за осигурениците кои се носители на права односно носители на обврски од здравственото осигурување со Законот е утврден минимум на здравствена заштита (основна здравствена заштита) и минимум придонеси што се плаќаат заради остварување на оваа заштита (задолжителното осигурување). Притоа, Законот определил дека висината на придонесите на работниците на кои им се утврдува личен доход (ќе зависи од) висината на бруто-личниот доход, односно од висината на даночната основица на сите осигуреници на кои не им се пресметува личен доход. Исто така, висината на таа основица (повтгорно како еднаква мера за сите) ја врзал за сложеноста на трудот и утврдил еден минимум на таа основица, кој не може да биде помала од најниската цена на работната сила, како елементарен услов за обезбедувањето на минимумот право од здравственото осигурување – основната здравствена заштита. За осигурениците, пак, на кои не им се пресметува личен доход Законот дал овластување со актот со кој се утврдува висината на придонесот да се утврди и основицта за задолжително здравствено осигурување.
Судот оцени дека оспорената одлука ги утврдува стапките на придонесите за здравствено осигурување на начин и методологија кои произлегуваат од цитираните законски одредби, односно со почитување на со закон дадената мера: личниот доход како основица во случаите кога на дадена категорија осигуреници им се утврдува личен доход (без разлика дали се работници или работодавачи или самостојни занаетчии), односно даночната основица за оние осигуреници на кои не им се утврдува личниот доход.
Истовремено, со оспорениот член 1 став 4 висината на основицата е врзана за сложеноста на трудот и е утврден минимумот кој не може да биде помал од најниската цена на работната сила со најнизок степен на сложеност како елементарен минимум на право од здравственото осигурување – основната здравствена заштита како што е предвидено и во означената законска одредба, поради што Судот оцени дека неможе да се постави прашањето занејзина согласност со означените одредби од Законот.
7. Имајќи во вид дека Судот веќе ја оценувал уставноста и законитоста на член 1 став 5 од Одлуката, а сега не наоѓа причини за поинакво одлучување, одлучи како во точката 2 од ова решение.
8. Во однос на барањето за изрекување времена мерка Судот оцени дека не се исполнети условите предвидени во член 27 од Деловникот на Судот за изрекување времена мерка.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1,2 и 3 од ова решение.
10. Ова решение Судот го донесе во соств од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.242/95).