205/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 октомври 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 130 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92) во делот “доколку така се определат”.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Решението на Врховниот суд на Македонија У.бр.2727/94 од 24 февруари 1995 година.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Душко Вељановски од Скопје, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членот 130 од законот означен во точката 1 на ова решение, затоа што препуштал на волјата на активните воени лица на служба во ЈНА, по сопствена оценка, да одлучуваат дали ќе останат или не во Армијата на Република Македонија, што не било согласно со Уставот.
Исто така, со иницијативата се оспорува и решението на Врховниот суд на Македонија според кое, во споровите од областа на работните односи, судска заштита била обезбедена вон управните спорови, што не било согласно со Уставот и со закон.
4. На седница Судот утврди дека согласно член 130 од Законот за одбрана активните воени лица на служба во ЈНА продолжуваат со работа во остварувањето на системот на одбраната на Републиката, доколку така се определат, во рок од три месеци по влегувањето во сила на овој закон.
5. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите, другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.
Имајќи ја предвид оваа одредба од Уставот, Судот при оценувањето на одредбата од член 130 од Законот, поточно оспорениот дел “доколку така се определат”, оцени дека е право на законодавната политика, во дадениот момент да цени дали на активните воени лица во ЈНА (Македонци) ќе им даде можност да се определат или ќе им наложи да продолжат со работата во системот на одбраната на Републиката или, пак, да продолжат со работата во ЈНА поради што, оцени дека оспорената одредба од Законот е согласна со Уставот на Република Македонија.
6. Во врска со барањето во иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Решението на Врховниот суд на Република Македонија, согласно членот 110 од Уставот, овој Суд не е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на одлуките на другите судови.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 на ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Тале вски и д-р Тодор Џунов.У.бр.205/95