Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 октомври 1995 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ
а) Член 7 став 2 тгочка 2, на член 14 став 1 алинеја 3 и на член 49 став 1 алинеја 3, во делот што гласи: “продолжување”, од Статутот на Лекарската комора на Македонија” (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/95);
б) Правилникот за начинот и постапката за издавање и одземање лиценца за работа (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/95) и
в) Правилникот за континуирана едукација (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/95), сите донесени од Собранието на Лекарската комора на Македонија.
2. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на актите означени во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. 4. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.61/95, 62/95 и 63/95 од 29 март 1995 година поведе постапка за оценување уставноста на актите означени во точката 1 од оваа одлука, и за оценување законитоста на одделни нивни одредби, а со Решение У.бр.61/95, 62/95 и 63/95 од 12 јули 1995 година, по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување законитоста и на член 7 став 2 точка 2 од Статутот означен во точката 1 под “а” и законитоста на актите означени под “б” и “в” во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91 и 46/93).
5. Во одговорот на решенијата за поведување постапка Лекарската комора на Македонија наведе дека продолжувањето на лиценцата за работата на лекарите и стоматолозите по истекот на седумгодишниот период, преку континуирана едукација, имало своја основа во членот 155 став 2 од Законот за здравствена заштита, Статутот на Лекарската комора на Македонија и Кодексот на медицинската деонтологија. Притоа, Лекарската комора смета дека непочитувањето на обврската од лекарите и стоматолозите континуирано да се образуваат и усовршуваат претставувало повреда на лекарската етика што било санкционирано и со означената законска одредба.
6. На седницата Судот утврди дека според член 7 став 2 точка 2 и според член 14 став 1 алинеја 3 од Статутот, Собранието на Лекарската комора на Македонија, донесува акти за начинот и постапката за издавање, продолжување и одземање на лиценца. Според член 49, од овој статут акти на Комората меѓу другото, се Правилникот за издавање, продолжување и одземање на лиценцата и Правилникот за континуирана едукација на лекарите.
Според член 1 од Правилникот за начинот и постапката за издавање и одземање на лиценцата за работа, со него се уредуваат постапката и условите за издавање, продолжување и одземање на лиценцата за самостојно вршење на работа во здравствената дејност на докторите на медицина и докторите на стоматологија (лекари) во Република Македонија.
Според член 3 од овој правилник, во зависност од видот на здравствената дејност што ја вршат лекарите лиценцата, меѓу другото, се издава и за вршење специјалистичка дејност и субспецијалистичка дејност. Понатаму, со Правилникот се утврдени условите за добивање лиценца (членовите 4 и 5) и времето на важноста на лиценцата, (продолжување на лиценцата и одземањето на лиценцата – времето и стално одземање на лиценцата – членовите од 7 до 24 од овој правилник).
Со преодните и завршните одредби од овој правилник е определено времето за поднесување на докази за обавена континуирана едукација за продолжување на лиценцата и времето за верификација на доказите за обавената континуирана едукација.
Со Правилникот за континуирана едукација се уредува начинот и постапката на освежувањето на стекнатите стручни знаења и способности на лекарите по дипломирањето преку континуирана едукација и постапката на докажување на способноста за самостојно работење во текот на лиценцниот период од седум години, определен со Правилникот за начинот и постапката за издавање и одземање на лиценцата за работа. Понатамошните одредби од Правилникот се однесуваат на верификацијата на стручните активности на лекарите и стоматолозите како услов за продолжување на лиценцата за работа.
7. Според член 143 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91 и 46/93), по завршување на приправничкиот стаж здравствените работници полагаат стручен испит. Стручниот испит, според ставот 2 од овој член, се полага пред испитна комисија што ја образува Медицинскиот, Стоматолошкиот и Фармацевтскиот факултет, а според ставот 3, положениот стручен испит се смета како лиценца за работа.
Со членот 144 од Законот е предвидено дека планот и програмата за приправничкиот стаж, образецот и начинот на водењето на приправничката книшка, составот на испитната комисија, начинот на полагањето на стручниот испит и образецот на уверението за положен стручен испит ги пропишува Министерството за здравство.
Според член 146 од Законот, здравствените работници и здравствените соработници со висока стручна подготовка можат да специјализираат и да субспецијализираат од определени гранки на медицината, стоматологијата, односно фармацијата. Со ставот 2 на овој член е предвидено дека специјализацијата односно субспецијализацијата на здравствените работници и здравствените соработници се врши според прописите со кои се уредуваат постдипломските студии, ако со овој закон не е поинаку определено.
Според член 148 од Законот специјализацијата во делот во кој се утврдува теоретската и практичната настава во одредено траење се спроведува на соодветната високообразовна организација, а во останатиот дел се остварува во здравствените организации кои имаат сопствен простор, кадар и опрема. Поблиските услови од ставот 1 на овој член и траењето на деловите од специјализацијата (турнусите) ги утврдува соодветната високообразовна организација.
Со членот 149 од Законот е предвидено дека здравствените работници и здравствените соработници можат да специјализираат ако имаат завршено приправнички стаж, положен стручен испит и една година работно искуство во струката по положувањето на стручниот испит.
Од наведените законски одредби и други одредби од Законот несомнено произлегува дека Законот го уредил режимот на полагањето на стгручниот испит на здравствените работници како услов за добивање лиценца за работа. Исто така, Законот го уредил и режимот, односно условите и начинот на полагањето на специјалистичките и субспецијалистичките испити во определени гранки на медицината, стоматологијата, односно фармацијата. Притоа, Законот не предвидува за лекарите, стоматолозите и фармацевтите, по полагањето на специјалистичкиот односно субспецијалистичкиот испит повторно да се стекнуваат со лиценца за работа во определена гранка на медицината, стоматологијата односно фармацијата.
Според член 155 став 2 од Законот, Лекарската, односно фармацевтската комора може да одземе лиценца за работа на доктори на медицина, доктори на стоматологија и дипломирани фармацевти ако утврди дека ја прекршил лекарската етика или сторил потешка повреда на стандардите и квалитетот на здравствените услуги. Според ставот 3 на овој член, против одлуката на лекарската односно фармацевтската комора може да се изјави жалоба до министерот за здравство, а според ставот 4 коморите донесуваат статут, утврдуваат кодекс на професионалните етички должности и права, формираат суд на честа и други помошни тела и донесуваат други акти за начинот на работењето на нивните органи и за начинот и постапката за издавање, односно одземање на лиценца за работа. Според тоа, Лекарската комора на Македонија во рамките на овластувањата што и се доверени со Законот нема право да утврдува услови за продолжување на лиценцата, туку само да го утврди начинот и постапката за издавање на лиценцата, доколку се исполнети законските услови за нејзиното стекнување, односно да го уреди начинот и постапката за нејзиното одземање, под услов ако утврди дека докторот по медицина и стоматологот и дипломираниот фармацевт ја прекршил лекарската етика или сторил потешка повреда на стандардите и квалитетот на здравствените услуги.
Со оглед на тоа што со одредбата од член 7 став 2 точка 2, член 14 став 1 алинеја 3 и член 49 став 1 алинеја 3 од Стаутот, Комората меѓу другото, донесува акти и за продолжување на лиценцата, а од анализата на содржината на означените правилници произлегува дека сите одредби се функционално поврзани со продолжувањето на лиценцата и дека со нив се утврдуваат услови за нејзино издавање, односно нејзино продолжување, Судот смета дека не се во согласност со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Судот на седницата утврди дека во текот на постапката пред Уставниот суд актите на Лекарската комора на Македонија се објавени во “Службен весник на Република Македонија” бр.24/95 и дека пред нивното објавување на произвеле правно дејство во поглед на продолжувањето на лиценцата за работа, поради што Судот не наоѓа основ за понатамошно водење на постапката за оценување на нивната уставност.
9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.61/95, 62/95 и 63/95).