268/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 алинеа 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 октомври 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 9 и 10 од Одлуката за измена на цените на комуналните услуги кои ЈП “Комуналец” ги дава на корисниците на Општина Гостивар бр.03-876/3, донесена од Работничкиот совет на 3 декември 1990 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Сретко Наумчески и група вработени во ГП “Пелагонија” РО Скопје, економска единица VIII градилиште од Гостивар, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точка 1 од ова решение, затоа што ЈП “Комуналец” од Гостивар вршело фактурирање на услуги кои воопшто не ги извршило со што доаѓало до нарушување на единството на пазарот и до нелојална конкуренција бидејќи се наплатувале однапред услуги кои не биле извршувани.
3. Согласно член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот односно за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Во конкретниот случај, Судот оцени дека извршувањето или не извршувањето на комуналните услуги се прашања од фактичка, а не од правна природа, и со оглед на тоа Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 на ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.У.бр.268/95