210/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македониија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 септември 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ член 3 од Одлуката за определување локација за изградба на сточарска фарма бр.08-460/3 и член 3 од Одлуката за определување локација за изгрдба на штала за чување крави молзници бр.08-460/2, донесени од Собранието на Општина Кичево на 21 декември 1994 година (“Службен гласник на Општина Кичево ” бр.3/94).
2. Оваа одлука прозведува правно дејство со денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.210/95 и У.бр.262/95 од 5 јули 1995 година поведе постапка за оценување законитоста на член 3 од одлуките означени воточката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 54 став 2 од Законот за системот на просторно и урбанистичко планирање.
4. На седницата Судот утврди дека со одлуките согласно член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање се определува локација за изградба на сточарска фарма на КП.бр.6673 во МЗ “Бучало” во КО Кичево и се определува локација за изградба на штала за чување на крави молзници на КП бр.119 во КО Србјани, МЗ “Демирица” во Кичево.
Во членовите 3 на двете оспорени одлуки е предвидено дека влегуваат во сила откако ќе се прибават согласности од месните заедници кон чии атар припаѓаат предметните парцели.

Понатаму, Судот утврди дека на просторот кој е опфатен со одлуките нема донесено урбанистички планови.

Судот, исто така, утврди дека во постапката за донесување на одлуките се прибавени согласности од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина бр.20-7194/б од 16 декември 1994 година и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство бр.08-3193/2 од 7 декември 1994 година.

5. Согласно член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/85 и 38/90) за населени места и надвор од нив за кои не е донесен просторен или урбанистички план или донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба, локација за изградба на јавни, општествени односно станбени објекти може да се издаде врз основа на посебен акт на Владата на Република Македонија односно општ акт на собранието на општината за објекти од општинско значење.

Општиот акт од став 2 на овој член се донесува по претходно издадена согласност од републичките органи на управата надлежни за работите на урбанизмот и земјоделството.

Од изнесената одредба од законот произлегува дека овластувањето од член 54 од Законот, Владата односно собранието на општината може да го користи само ако не е донесен просторен или урбанистички план или донесениот план нема елементи за утврдување услови за градба. Притоа, овој акт може да се донесе само ако е добиена претходна согласност од надлежните министерства.
Со оглед на тоа што влегувањето во сила на одлуките е условено со давање согласност од месните заедници која не е предвидена со закон Судот утврди дека член 3 од двете одлуки не се во согласност со член 54 од Законот.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У .бр.210/95 и 262/95