162/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 септември 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 21 од Законот за Управата за јавни приходи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Градското казино во Охрид, со Решение У.бр.190/95 код 14 јуни 1995 година, поведе постапка за оценување уставноста на член 21 од законот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето дали со тоа што е предвидено и во прв и во втор степен да се одлучува во рамките на ист орган, односно во рамките на Управата за јавни приходи, ваквиот начин на одлучување не претставува само еден вид контрола, а не и одлучување во второстепен орган по жалба, во смисла на член 15 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 12 од Законот за управата на јавните приходи контролата ја вршат даночни инспектори кои ги назначува и разрешува министерот за финансии по предлог на директорот на Управата за јавни приходи, а согласност дава Владата на Република Македонија. Во член 19 од Законот е предвидено дека за извршената контрола инспекторот составува записник, кој се доставува до даночниот обврзник најдоцна во рок од осум дена од денот на извршената контрола, а даночниот обврзник може да даде забелешки на записникот. Ако во забелешките на записникот се изнесат факти и докази што би влијаеле врз донесувањето на решението и преземањето на другите мерки во согласност со законот, ќе се проверат изнесените факти и предложените докази и за тоа ќе се состави дополнителен записник.
Според член 20 од овој закон, ако во постапката на контролата се утврдат незаконитости односно неправилности, инспекторот донесува решение со кое на даночниот обврзник му наложува преземање на определени дејствија за отстранување на незаконитостите, односно неправилностите.
Против решението од член 20 на овој закон, согласно член 21, даночниот обврзник може во рок од 15 дена од денот на доставувањето на решението да изјави жалба до директорот на Управата за јавни приходи. Донесеното решение од директорот е конечно во управната постапка.
5. Согласно член 15 од Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.
Исто така, со член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Од означените уставни одредби произлегува дека со гарантирањето на правото на жалба всушност треба да се обезбеди двостепеност во одлучувањето, однсоно да се обезбеди во второстепената постапка по жалбата против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен, да одлучува орган кој не учествувал во одлучувањето во прв степен.
Со оглед на тоа што во член 21 од означениот закон е предвидено и во прв и во втор степен да се одлучува во рамките на ист орган, односно во рамките на Управата за јавни приходи, Судот оцени дека ваквиот начин на одлучување претставува само еден вид контрола, а не и одлучување на второстепен орган по жалба, во смисла на член 15 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Ст ојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-т Тодор Џунов. У.бр.162/95