182/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 септември 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВААТ
– Одлуката за зголемување на уписнината која ќе ја плаќаат адвокатите кои се впишуваат во Именикот на адвокатите, донесена од Претседателството на Адвокатската комора на Република Македонија на 19 мај 1995 година,и
– Препораките за Извршниот одбор на Претседателството на Адвокатската комора на Република Македонија при решавањето на барањата за упис во Именикот на адвокатите, донесени од Претседателството на Адвокатската комора на 14 април 1995 година.
2. СЕ УКИНУВА Решението У.бр.182/95, У.бр.186/95, У.бр.187/95 и У.бр.203/95 од 14 јуни 1995 година со кое се запрени од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на актите означени во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива од Владимир Станиславовски од Пробиштип, Јулка Ивановска и Тодор Арсов од Скопје и од Љупчо Кожовски и Томислав Крушаревски од Битола, со решение У.бр.182/95, У.бр.186/95, У.бр. 187/95 и У.бр.203/95 донесено на 14 јуни 1995 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 53 од Уставот на Република Македонија и со членовите 1, 2, 8, 9 и 10 од Законот за адвокатурата.
Воедно, Судот ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на актите означени во точката 1 од оваа одлука, до донесување конечна одлука, заради спречување да настанат тешко отстранливи штетни последици со оглед на претстоечка јунска сесија за упис во Именикот на адвокатите.
5. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се определува уписнина односно уписен влог за запишување во Именикот на адвокатите во износ од 4.000 ДЕМ во денарска противвредност. Исто така, Судот утврди дека со Препораките се предвидува кандидатот за упис во Именикот на адвокатите да треба да има доказ за поседување на деловна просторија (сопствена или под закуп), која ќе има најмалку две одделенија (точка 1), потоа, лице кое е постојан консумент на алкохол, хомосексуалец или кое е казнувано за прекршоци против јавниот ред и мир да се смета дека не ужива углед за вршење на адвокатската дејност (точка 2), лице-работник во јавна или државна служба кое е отпуштено од работа поради повреда на работната должност или поради неисполнување на условите за останување во таа служба, како и судии, јавни обвинители и јавни правобранители кои поднеле барање а нема да бидат избрани на таа должност, да се смета дека не ужива углед за вршење на адвокатската дејност, бидејќи таков углед нема за напред наведените должности (точка 3). Освен тоа, се предвидува дека лице кое ги исполнило условите за пензионирање да се смета дека не ги исполнува општите услови за засновање на работен однос утврдени во член 9 став 1 од Законот за адвокатурата и не треба да се запише во Именикот на адвокатите (точка 4).
6. Според член 53 од Уставот на Република Македонија и член 2 од Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92) адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон. Понатаму, во член 1 од Законот се определува дека со Законот се уредуваат, покрај другото, условите за упис во Именикот на адвокатите, при што во член 9 став 1 од Законот се утврдува во Именикот на адвокатите да може да се запише државјанин на Република Македонија, кој ги исполнува општите услови за засновање работен однос, дипломиран правник со положен правосуден испит, кој ужива углед за вршење на адвокатската дејност. Според член 8 од Законот, правото за вршење на адвокатската дејност се стекнува со уписот во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија, за што, согласно член 10 став 1 од Законот, решава надлежен орган на Комората на начин и под услови определени со овој закон.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека со Законот за адвокатурата се уредуваат условите за упис во Именикот на адвокатите и за стекнување право за вршење на адвокатската дејност, при што надлежен орган на Адвокатската комора на Република Македонија е овластен во секој конкретен случај да утврдува дали кандидатот ги исполнува условите определени со Законот за адвокатурата, а не и да пропишува дополнителни услови.
Со оглед на тоа што со актите означени во точката 1 од оваа одлука се определуваат дополнителни услови за запишување во Именикот на адвокатите, а што според наведените уставни и законски одредби се уредува со Законот, Судот утврди дека Одлуката и Препораките не се во согласност со означените уставни и законски одредби.
7. При определувањето на видот на интервенцијата, Судот утврди дека се исполнети условите за донесување на одлука за поништување предвидена во член 73 од Деловникот на Судот, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Со оглед на тоа што донесе конечна одлука по оспорените акти, Судот утврди дека се исполнети условите за укинување на решението со кое е изречена времена мерка предвидени во член 27 од Деловникот на Судот, поради што одлучи како во точката 2 од оваа одлука.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа Одлука.
10. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.182/95, У.бр.186/95, У.бр.187/95 и У.бр.203/95).