Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 став 1 алинеја 2 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 септември 1995 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Гостивар бр.08-237/1, донесена од Собранието на општина Гостивар на 14 јуни 1994 година, во делот што се однесува на КП бр.1361/2.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива од Момчило Јовановски од Гостивар, со Решение У.бр.201/94 од 12 јули 1995 година поведе постапка за оценување законитоста на наведената одлука во делот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.
4. На седницата Судот утврди дека во нацрт-планот, во делот што се однесува на КП бр.1361/2, било предвидено намалување на габаритот на станбениот објект на подносителот на иницијативата, како и на дворното место околу објектот, при што Момчило Јовановски на јавната расправа ставил забелешка во смисла по целата површина од локацијата со која тој располага да се предвиди објект од П+3 ката. Притоа, во Записникот од јавната расправа се определува дека барањето се удоволува, а, пак, од донесениот план произлегува дека е усвоено решението од нацрт-планот, што всушност значи дека забелешката на граѓанинот не е усвоена и дека не е дадено образложение за нејзиното неприфаќање.
5. Во членот 33 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (” Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90) се предвидува дека органот на управата надлежен за урбанизам му доставува на собранието на општината предлог-урбанистички план заедно со извештајот од јавната расправа и образложение за неприфатените забелешки.
Од изнесената законска одредба произлегува дека доносителот на планот има обврска да даде образложение на забелешките на граѓаните и на другите учесници во јавната расправа кои не се прифатени.
Со оглед на тоа што на оспорената одлука, во делот што се однесува на КП бр.1361/2, била ставена забелешка од граѓанин која всушност не била усвоена и на која не било дадено образложение на причините за нејзиното неприфаќање, а што е законска обврска на доносителот на планот, Судот оцени дека наведениот дел од Одлуката не е во согласност со означената законска одредба, поради што одлучи како во точката 1 на оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.201/94