Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 септември 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 17 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 17/79, 37/80, 18/89 и 21/91).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Пандил Трајчевски од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 17 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените одредби се ограничувала сопственоста, бидејќи поранешниот сопственик на неизграденото градежно земјиште ако го има искористено предимственото право на користење на тоа земјиште, неможел повторно да го користи тоа право што било во несогласност со Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според член 17 став 1 од Законот за градежното земјиште, поранешниот сопственик на неизграденото градежно земјиште има предимствено право на користење на тоа земјиште на по една градежна парцела за изградба на станбена односно деловна зграда, ако врз основа на планот за реализација може на тоа земјиште да се подигне таква зграда.
Со став 2 на овој член од Законот се уредува дека предимствено право на по една градежна парцела за изградба на станбена зграда ќе се признае и на потомците, посвоениците, родителите и на посвоителите на поранешниот сопственик, кои имаат формирано потесно семејство, под услови да немаат сопствен стан односно станбена зграда, а според ставот 3 од овој член, предимствено право на изградба на станбена зграда на една градежна парцела може да се признае на две или повеќе лица за изградба на станови – како посебни делови на зграда.
4. Според член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот, правната заштита на сопственоста е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според ставот 2 на овој член од Уставот, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.
Согласно ставот 3 на овој член од Уставот, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а во случај на експропријација на сопственоста, или во случај на ограничување на сопственоста, според ставот 3 од овој член на Уставот, се гарантира правичен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Според член 56 од Уставот, земјиштето како природно богатство претставува добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита.
Од наведените одредби на Уставот, јасно произлегува дека тој ја гарантира сопственоста и нејзината заштита, а во тие рамки и сопственоста на градежното земјиште и не дозволува сопственоста и правата кои произлегуваат од неа да бидат одземени или ограничени, освен кога се работи за јавен интерес што се утврдува со закон, гарантирајќи ги и во тој случај правата на поранешниот сопственик преку правичен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Понатаму, правата врз национализираното односно поопштественото градежно земјиште, беа регулирани уште со воведувањето на институтот национализација односно поопштествување на градежното земјиште. Имено, со национализацијата односно поопштествувањето на градежното земјиште, поранешните сопственици не беа автоматски лишени од сите права врз таквото земјиште. Така, поранешниот сопственик, по сила на закон, се лишуваше од правото на сопственост врз тоа земјиште, меѓутоа, имаше право на користење на градежното земјиште и предимствено право на градење на градежното земјиште. Значи на поранешниот сопственик му се одзеде правото на сопственост и правото на располагање со тоа земјиште, но не и правото на користење на земјиштето за своја намена се до денот на депоседирање заради пристапување кон планирана изградба на земјиштето. Ако, пак, на национализираното градежно земјиште според урбанистичкиот план се предвидува изградба на семејна станбена зграда таквото земјиште не може да биде одземено од владение на поранешниот сопственик туку по негово барање ќе му се признае предимствено право на користење на тоа земјиште и на една градежна парцела за изградба на станбена односно деловна зграда. Таквото предимствено право се признава и на потомците, посвоениците, родителите и на посв оителите на поранешниот сопственик, кои имаат формирано потесно семејство, под услови да немаат сопствен стан односно станбена зграда.
Доколку поранешниот сопственик односно другите лица што во согласност со законот го имаат искористено предимственото право, како што е во конкретниот слу чај, според мислењето на Судот, тие повторно не можат да се повикуваат на веќе искористеното право и дека на тој начин не се ограничува сопственоста односно правата што од неа произлегуваат. Ова дотолку повеќе што Законот за градежно земјиште изразува становиште дека градежното земјиште е на Републиката. Имено, во член 9 од овој закон, односно член 5 од неговите измени од 1991 година, се утврдува дека земјиштето во градовите и населбите од градски карактер и другите подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба за кои е донесен урбанистички план е на Републиката. Според тоа, Судот смета дека на оспорените одредби на членот 17 од Законот не може да се приоѓа како на одредби со кои се ограничува правото на ссопственост на поранешните сопственици, бидејќи таквата сопственост и не постои, а уште помалку на лицата кои веќе еднаш го искористиле предимственото право на користење на тоа земјиште за изградба на станбена зграда. Притоа, исто така, треба да се има предвид дека правото на сопственост поранешните сопстеници го загубиле со донесувањето на Законот за национализација на наемни згради и граде жно земјиште и со други прописи, така да не може да се постави прашањето за ограничување на правото на сопственост во смисла на член 30 од Уставот.
Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорениот член 17 од Законот со одредбите на Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.241/95