204/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 јули 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за именување на вршител на должност директор на Јавното комунално претпријатие “Пролетер” – Ресен бр.08-635/2, донесена од Собранието на Општина Ресен на 17 мај 1995 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.204/95 од 14 јуни 1995 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со закон.

4. На седницата Судот утврди дека со член 1 од оспорената одлука се предвидува Општината Ресен да го именува вршителот на должност директор на Јавното комунално претпријатие “Пролетер” – Ресен, а со членот 2 од Одлуката се пропишува Работничкиот совет на Претпријатието во рок од 30 дена да распише конкурс за именување на директор.

5.Според член 58 став 1 од Уставот, основа за управување и учество во одлучувањето се сопственоста и трудот. Притоа, Уставот во врска со управувањето во претпријатијата и другите стопански субјекти не определува поблиски основи за тоа, ниту упатува дека овој принцип поблиску ќе биде разработен со закон.

Согласно Уставот, остварувањето на посебниот општествен интерес во вршењето на дејностите или работите на јавните претпријатија повеќе не е уставна категорија. Меѓутоа, тоа што посебниот општествен интрес не е повеќе уставна категорија и не претставува повеќе основ за остварување на влијанието на др жавата врз вршењето на дејноста на јавните претпријатија, не значи дека државата нема интрес определени односи да се уредат на определен начин заради задоволување одредени потреби на општеството или граѓаните.

Согласно член 114 став 2 од Уставот, единици на локалната самоуправа се општините.

Според член 196-б од Законот за претпријатијата, постојните организации на здружен труд од посебен општествен интерес можат да се организираат како јавни претпријатиа со донесување на одлука на надлежна општествено-политичка заедница за организирање. Општествено-политичката заедница учествува во управувањето во јав- ното претпријатие сразмерно на вложениот капитал, што се смета за државна сопстве- ност.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека значајна улога во претпријатието стекнува сопственикот на капиталот. Нему, како вложувач на капиталот му се признаваат права како во поглед на управувањето, така и во поглед на одлучу- вањето, а тоа значи дека капиталот и трудот се рамноправни основи за стекнување на правото на управувањето.

Со оглед на тоа што општината не е повеќе општествено политичка заедница туку е единица на локалната самоуправа, Судот смета дека не е ставена во иста позиција како Републиката во однос на општествениот капитал што е трансформиран во државен капитал односно дека единствен сопственик на државниот капитал е државата.

Со оглед на тоа што собранието на општината во јавните претпријатија основани од неа, чиј капитал е на државата не може со своја одлука да го уредува прашањето за именување и разрешување на директорот, Судот утврди дека оспорената одлука не е во согласност со означените уставни и законски одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.204/95
19 јули 1995 година
С к о п ј е
сл.сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Јован Проевски