102/1995-0-0

Вовед

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 7 од Одлуката за утврдување на цената на градежното земјиште за доделување на трајно користење и цената за давање под закуп на времено користење, донесена од Собранието на Општина Кичево на 26 јули 1994 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Ацо Гавриловски и група гра|ани од Кичево со решение У.бр.102/95 од 7 јуни 1995 година, поведе постапка за оценување уставноста на член 7 од актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што пред Судот се постави прашањето за неговата согласност со член 52 став 4 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со членот 7 од оспорената одлука донесена на 26 јули 1994 година, цената на градежното земјиште е утврдена за месец јануари 1994 година и истата ќе се корегира секој месец согласно индексот на порастот на цените на мало објавени од Заводот за статистика за претходниот месец и ќе важи од 1 (први) наредниот месец. За извршената корекција ќе се извести Извршниот одбор на Собранието на општина Кичево.

5. Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со оглед дека од содржината на оспорениот член 7 од Одлуката произлегува дека цената на градежното земјиште е утврдена за месец јануари 1994 година и дека истата ќе се корегира секој месец согласно индексот на порастот на цените на мало и ќе важи од први наредниот месец, Судот оцени дека овој член не е во согласност со членот 52 став 4 од Уставот, од причина што цената што ја плаќале граѓаните за месеците јануари-јули 1994 година, според Одлуката што престанала да важи, ќе се корегира согласно цената и начинот на нејзиното формирање утврдена со новата одлука и тоа ретроактивно од 1 јануари 1994 година.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.