Вовед
Уставнот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одражана на 21 јуни 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 96, член 97 став 2 втора реченица и став 3 и член 100 од Законот за процесната постапка.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 90 од Законот за процесната постапка.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Адвокатската комора на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените членови, посебно со членот 90 од Законот, бил повреден членот 53 од Уставот бидејќи со нив се овозможувало правната помош да ја пружаат правни и физички лица кои тоа според Уставот неможеле повеќе да го прават и тоа правните лица преку свои претставници кои биле кај нив вработени или од нив ангажирани, а не биле адвокати, а физичките лица преку лично пристапување пред судовите. Понатаму, се наведува дека одредбата на член 53 од Уставот била воспоставена во интерес на граѓаните кои требало преку стручна и професионална служба да обезбедат за себе квалитетна правна помош, но и во интрес на адвокатурата како јавна служба која требало да обезбеди професионално високо ниво на стручна помош и средства заради опстанок односно егзистенција на нејзините членови, а со тоа и за сопственото постоење.
4. Судот на седницата утврди дека според член 90 од Законот, полномошник може да биде секое лице кое е наполно деловно способно освен лицата што се занимаваат со надриписарство. Ако како полномошник се појави лице што се занимава со надриписарство, судот на таквото лице ќе му го оневозможи натамошното застапување и за тоа веднаш ќе ја извести странката. жалбата против решението за оневозможување на застапувањето не го задржува извршувањето на решението. Ако утрди дека полномошникот кој не е адвокат не е способен да ја врши оваа должност судот ќе и укаже на странката на штетните последици што можат да настанат поради неправилното застапување.
Согласно член 96 од Законот, ако странката во полномоштието не ги определила поблиску овластувањата на полномошникот, полномошникот кој не е адвокат врз основа на ваквото полномоштие може да ги врши сите дејствија во постапката, но секогаш му е потребно изречно овластување за повлекување на тужба, за признавање или одложување од тужбеното барање, за склучување на порамнување, за одрекување или откажување од правен лек и за пренесување на полномоштието врз друго лице, како и за поднесување на вонредни правни лекови.
Според член 97 ставовите 2 и 3 од Законот, странката која не е писмена или не е во состојба да се потпише на писменото полномоштие наместо потпис ќе стави отпечаток од показалецот. Ако во овој случај полномоштието му се издава на лице кое не е адвокат, потребно е присуство на двајца сведоци кои ќе се потпишат на полномоштието. Ако се посомнева во вистинитоста на писменото полномоштие, судот со решение може да определи да се поднесе заверено полномоштие. Против ова решение не е дозволена жалба.
Согласно член 100 од Законот ако на полномошникот му е дадено овластување дека може да ги врши сите дејствија во постапката, а странката односно незиниот законски застапник ќе умре или ќе стане деловно неспособен, или ако законскиот застапник биде разрешен од должност, полномошникот е овластен и натаму да ги превзема дејствијата во постапката, но наследникот односно новиот законски застапник може да го отповика полномоштието. Во случаите наведени во став 1 на овој член, на полномошникот кој не е адвокат секогаш му престануваат овластувањата што во полномоштието мораат изречно да се наведат (член 96).
5. Уставниот суд со решение У.бр.79/94 од 19 октомври 1994 година, не поведе постапка за оценување уставноста на членот 90 од Законот за процесната постапка, поради што оцени согласно член 28 став 1 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд да ја отфрли иницијативата во делот што се однесува на членот 90, бидејќи за истата работа веќе одлучувал, а нема основа за поинакво одлучување.
Што се однесува до оспорените член 96, член 97 став 2 втора реченица и став 3 и член 100 од Законот, очигледно е дека тие се непосредно поврзани со членот 90 од Законот и претставуваат негова натамошна операционализација. Имајќи предвид дека основа за нивното правно дејство претставува токму членот 90 за кој Судот веќе се изјаснил, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.202/95