У.бр.132/1995

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 јуни 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 40 став 2 од Законот за експропријација (“Службен весник на СРМ” бр.46/89 и 36/91).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Кирил Георгиевски – помошник на генералниот директор на ЈП “Електростопанство на Македонија” – Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со нив поранешните сопственици се ставале во поповолна положба по однос на поранешните сопственици од став 1 на член 40, што не било во согласност со член 9 од Уставот. Ова, затоа што разликата во цени му се признавала само на поранешниот сопственик кој надоместокот го добил по судски пат, додека за другите сопственици на кои исто така може да се случи надоместокот определен со спогодбите да биде наплатен по подолг временски период, не им се признавало ова право.

Од друга страна, според подносителот на иницијативата со примената на член 40 став 2 од Законот граѓаните односно корисниците на експропријацијата се доведувале во нерамноправна положба и од гледна точка на остварувањето на правото на жалба загарантирано со член 15 од Уставот, затоа што во услови на висока инфлација за корисникот на експропријацијата кој би морал да плати и разлика во цена и камата, доаѓало до своевидно привилегирање на поранешниот сопственик.

3. Судот на седницата утврди дека во член 40 став 1 од Законот е предвидено висината на надоместокот да се определува по избор на поранешниот сопственик според цените и околностите што важеле во моментот на покренувањето на предлогот за експропријација или во моментот на склучувањето на спогодбата, односно донесувањето на првостепената одлука за надоместокот. Во оспорениот став 2 на овој член е предвидено кога надоместокот е определен со одлука на судот, а правосилноста на одлуката е одложена повеќе од еден месец, на поранешниот сопственик ќе му се признае разликата во цената од денот на донесувањето на првостепената одлука до денот на правосилноста на одлуката според податоците за движењето на цените на мало.

Според член 49 од Законот корисникот на експропријацијата е должен во рок од 15 дена од денот на определувањето на надоместокот да му го исплати надоместокот на поранешниот сопственик, а кога во тој рок не му го исплати надоместокот должен е на тој износ, односно на делот од неисплатениот износ да му плати камата според прописите на облигационите односи.

Во член 50 е предвидено дека поранешниот сопственик има право и на надоместок за изгубената корист што би ја остварил со користењето на недвижноста од предавањето на невижноста во владение на корисникот на експропријацијата до исплатата на надоместокот.

4. Со член 30 од Уставот на Република Македонија се гарантира сопственоста и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопствесноста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека сопственоста може да се одземе или ограничи само кога за тоа постои јавен интерес кој мора да биде утврден со закон. Исто така, од овие одредби произлегува дека во случај на одземање или ограничување на сопственоста односно во случај на експропријација се гарантира праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Како субјекти во експропријацијата се надлежниот државен орган, експропријантот, т.е. корисникот на екскпропријацијата и експропријатот однсоно лицето чии имот се експроприра.
Државниот надлежен орган ја спроведува експропријацијата по предлог на експропријантот, при што тој е должен при водењето на експропријационата постапка на странките да им овозможи што полесно да ги заштитат своите права, водејќи сметка остварувањето на нивните права да не биде на штета на правата на други лица, како и да не биде во спротивност со јавниот интерес утврден со закон.

Притоа, со Законот се предвидени обврски со кои се заштитуваат интересите на експропријатот, односно не е препуштено корисникот на експропријацијата да мо же слободно да одлучува за времето и начинот на исплата на надоместокот.

Меѓутоа, кога надоместокот се определува по судски пат, тогаш времето на исплатата не зависи од корисникот на експропријацијата, туку од трет субјект односно зависи од тоа колку в реме ќе трае постапката пред судот. Поради тоа, со цел да не се загрозат интересите на експропријатот, со Законот е предвидена обврска за исплата на разликата во цени, со што всушност се сака да се создаде еднаквост меѓу поранешните сопственици независно дали надоместокот е определен со спогодба или со одлука на суд, односно да не се обезвредни надоместокот поради долготрајност на постапката пред судот, кој не е субјект во експропријационата постапка.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека со член 40 став 2 од Законот не се повредува уставното начело на еднаквост.

Во однос на наводот од иницијативата дека со оспорената одредба се повредувало и правото на жалба утврдено во член 15 од Уставот, според кој се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања, Судот оцени дека со оспорената одредба од Законот за експропријација не се ограничува правото на жалба против одлуката на судот за определување на надоместокот, односно ова прашање воопшто не е уредено, ниту е забрането ниту е дозволено поднесување на жалба. Според тоа и при определувањето на надоместокот по судски пат односно за правото на жалба важат одредбите од законите со кои се уредуваат судските постапки.

Со оглед на тоа што со оспорениот член 40 став 2 од Законот не е уредено прашањето за правото на жалба Судот оцени дека тоа не мора да значи и ограничување на тоа право, поради што оцени дека и по ова прашање нема основ за поведување на постапка.

Што се однесува до наводот од иницијативата, дека во оспорениот став 2 на член 40 не била предвидена исплата на пазарната цена, Судот оцени дека со оглед на тоа што во Уставот не е дефинирано што претставува пазарна цена, право е на законодавецот да ги определи елементите за формирање на пазарната вредност, па и движењето на цените на мало да го земе како основ за определување на таа вредност.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи какко во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.