Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 мај 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за градските гробишта донесена од Собранието на Град Скопје на 28 септември 1988 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Стопанската комора-здружение на работни луѓе и граѓани кои вршат стопанска дејност со личне труд и средства во сопственост на граѓаните на Град Скопје, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се создавало нелојална конкуренција меѓу АД “Бутел” и другите изведувачи на надгробни споменици, кои се обврзани да плаќаат одреден надоместок на АД “Будел” за направените трошоци.
3. Судот на седницата утврди дека Собранието на Град Скопје на 27 ноември 1984 година согласно член 7 и 12 од Законот за гробишта донело одлука за Градски гробишта. Со оваа одлука е утврдено дека со гробиштата управува, се грижи за нивно уредување и одржување и врши погребна дејност КРО “Бутел”-Скопје.
На 28 септември 1988 година Собранието на Град Скопје ја донело оспорената одлука за изменување и дополнување на одлуката за градските гробишта.
Во член 1 од оваа одлука е предвидено “дека други организации на здружен труд и граѓани можат да градат надгробни споменици, доколку имаат одобрение за вршење на таква дејност издадено од надлежен орган и платен надомест на КРО “Бутел” за користење на изведените комунални инсталации.
Во член 2 е предвидено дека “работите можат да започнат да се изведуваат по претходно пријавен, платен надоместок и во рокот што ќе го определи организацијата што стопанисува со гробиштата”.
4. Според член 12 од Законот за гробишта (“Службен весник на СРМ” бр.18/73), употребата на гробиштата се регулира со пропис на општината.
Со гробиштата се управува врз основа на правила што ги донесува општината односно органот или организацијата што тоа ќе ја задолжи.
Содржината на правилата од претходниот став ја утврдува Општината во зависност од големината на крактерот на населеното место.
Од изнесените законски одредби произлегува дека општината или од неа овластена организација, е овластена да ги уредува прашањата на употреба на гробиштата.
Според член 55 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.
Според тоа Судот смета дека со оглед на тоа што во конкретниов случај со оспорената одлука општината утврдила дека другите организации и граѓани кои градат надгробни споменици треба да платат одреден надоместок на ЈП “Комуналец” кое управува и ги одржува гробиштата, за користење на комуналните инсталации, не се повредува начелото на слобода на пазарот и претприемништвото, затоа што со одлуката на другите субјекти не им се ограничува вршење на дејност, туку тие само се обврзани да ги надоместуваат трошоците за користење на комунални инсталации (вода, струја, патишта и друго).
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бајри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.139/94)