131/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 мај 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 46 став 5 од Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.77/88, 40/89, 46/90, 61/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.15/93).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Кирил Георгиевски помошник генерален директор на ЈП “Електростопанство на Македонија” во Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 46 став 5 од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што Уставот веќе не ја познавал општествената сопственост и самоуправувањето и утврдил нови основи на економските односи, па самоуправувањето и личното изјаснување на работниците како облик на одлучување немале основи во Уставот, особено за јавните претпријатија со кои управувал управен одбор, туку основ за управување била сопственоста и трудот, во смисла на член 58 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 2 од Законот за претпријатијата, претпријатија во општествена сопственост се општественото претпријатие, јавното претпријатие како и акционерското друштво и друштвото со ограничена одговорност кога работат со средства во општествена сопственост. Согласно член 3 од овој закон со претпријатието во општествена сопственост управуваат работниците.
Начинот на управување и одлучување на работниците во општественото претпријатие е утврден во член 46 од Законот, при што е предвидено дека работниците остваруваат самоуправување со лично изјаснување, по пат на делегати во работничкиот совет и со контрола на работите на органите и службите во општественото претпријатие (став 1). Како облици на лично изјаснување во став 2 се предвидени референдумот, собири на работниците и потпишување односно давање на посебни изјави во писмена форма и други форми на лично изјаснување утврдени во статутот. Со која форма на одлучување од став 2 на овој член се остваруваат одделните права на работниците се уредува со статутот на општественото претпријатие. Во оспорениот став 5 на член 46 од Законот е предвидена обврска работниците да одлучуваат со референдум за статутот на општественото претпријатие.
Со јавните претпријатија основани од Републиката управува управен одбор кого го сочинуваат претставници на Републиката што ги именува Владата и работници на јавното претпријатие, а со овие јавни претпријатија раководи директор кого го именува и разрешува Владата на Република Македонија.
4. Со член 58 став 1 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека сопственоста и трудот се основа за управување и за учество во одлучувањето.
Законот за претпријатијата основната линија на диференцирање на претпријатијата ја определува тргнувајќи пред се од продукционите односи што можат да се воспоставуваат во претпријатието со оглед на сопственичкиот режим над средствата со кои работат. Тоа значи дека законодавецот врши индивидуализација на типовите на претпријатија со оглед на сопственоста над претпријатијата. Притоа, според Законот сите форми на сопственост имаат еднаков правен третман, па во тие рамки еднаков третман имаат и општествените претпријатија.
Во однос на управувањето со одделни видови претпријатија Законот утврдува две основи за стекнување права во поглед на управувањето, и тоа, трудот и сопственоста на капиталот, како што впрочем е утврдено во член 58 од Уставот.
Според тоа зависно од видот на сопственоста на средствата за работа во соодветните претпријатија со законот е утврден посебен начин на управување и учество во одлучувањето.
Во општествените претпријатија управуваат работниците, а основа за учество во управувањето со претпријатието е трудот со оглед на тоа што се тргнува од таканаречениот несопственички карактер на средствата во општествена сопственост.
Тргнувајќи од ваквата концепција на Законот за претпријатијата, Судот оцени дека оспорените одредби од Законот односно референдумот треба да се третираат како начин на остварување на правото на работниците кои работат со општествени средства да управуваат со тоа претпријатие, додека не се трансформира во одреден сопственички вид на претпријатие
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека со оспорените одредби од Законот всушност се уредува начинот на партиципација на работниците врз основа на нивниот труд во управувањето со општествените претпријатија додека тие постојат како такви и додека не се трансформираат во сопственички вид на претпријатија во кои ќе се знае нивниот сопственик и кој врз таа основа ќе стекне и соодветни права во поглед на управувањето и одлучувањето, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со член 58 од Уставот.
За јавните претпријатија основани од Републиката во кои општествените средства се трансформираат во државен капитал со последните измени на Законот за претпријатија е воспоставен нов начин на управување. Според тоа одредбите од член 46 на Законот, не се однесуваат на јавните претпријатија основани од Републиката или основани од други субјекти во кои се знае сопственикот на средствата за работа и во кои основачот по основ на вложениот капитал и трудот со свој акт ќе го уреди прашањето за управувањето со претпријатието.
5. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.131/95