137/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 мај 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 137 став 2 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на СРМ” бр.38/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.46/93).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Здравствениот дом од Свети Николе, претставуван од д-р Методи Алексов, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 137 став 2 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувал директорот на јавната здравствена организација да го именува министерот за здравство, по предлог на здравствениот совет, а не по предлог на конкурсната комисија за избор на индивидуален работоводен орган во чиј состав, меѓу другото, требало да има два претставници на собранието на општината на чие подрачје е седиштето на работната организација, што не било согласно со Законот за избор на органите на управување и на другите органи во организациите на здружениот труд и со Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека со решение У.бр.20/95 од 26 април 1995 година, меѓу другите, не повел постапка за оценување уставноста на членот 137 став 2 од Законот за здравствената заштита.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што оспорената одредба од Законот била предмет на оценка, при што Судот се изјаснил дека таа е согласна со Уствот на Република Македонија, а нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
Што се однесува до наводот во иницијативата за меѓусебната несогласност на Законот за здравствена заштита и Законот за избор на органите на управување и на другите органи во организациите на здружениот труд, согласно член 110 од Уставот, според кој Судот одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите, барањето за оценување меѓусебната согласност на овие два закони излегува надвор од доменот на надлежноста на Судот.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судо т д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.137/95