152/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 мај 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за усвојување на предлог измените на Деталниот урбанистички план за Населба “РАЧА” во Охрид, донесена од Собранието на Општината Охрид на 6 ноември 1990 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива на Менка Арсова од Скопје поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Законот.
4. На седницата Судот утврди дека на 6 ноември 1990 година Собранието на Општината Охрид ја донело оспорената одлука. Исто така, утврди дека пред нејзиното донесување Собранието на општината донело решение за ставање на јавен увид на нацрт-одлуката од 16 јули до 31 јули 1990 година. Во решението е предвидено дека за време на јавниот увид стручни лица треба да даваат стручно образложение и да ги прибавуваат предлозите и забелешките по планот. Понатаму, во решението е предвидено дека претресот по нацрт планот ќе се одржи на собир на работни луѓе и граѓани на 3 август 1990 година. Меѓутоа, Судот утврди дека нема докази дали нацрт-планот е изложен на јавна расправа и дали по него биле изнесени одредени забелешки од граѓаните и други заинтересирани лица, како и дали надлежниот орган дал образложение за неприфатените забелешки.
5. Согласно член 31 став 4 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр. 38/85 и 18/89) кој важел во времето на донесувањето на планот, просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат во фразата на нацрт-план на јавен увид и јавна расправа, а според член 33 од означениот Закон, собранието на општината ги разгледува мислењата и забелешките од јавниот увид и јавната расправа и за неприфатените забелешки дава образложение, што е составен дел од документацијата на планот.
Според измените на член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/90) нацртот на просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат на јавна расправа, а според став 4 на овој член јавната расправа се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани лица се доставуваат до органот надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма во рок од 15 дена по завршувањето на јавната расправа.
6. Со оглед на тоа што во конкретниот случај Собранието на Општината донело решение за ставање на јавен увид на нацрт планот, меѓутоа нема докази дека оваа постапка е спроведена според Законот, поради што Судот оцени дека оспорената Одлука не е во согласност со означените одредби од Законот.
Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.152/94).