185/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 72 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 мај 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА точката 9 од Упатството за начинот на спроведување на единственото читање на броилата, обработка, начин на достав, плаќање на сметки од потрошувачите на електричната енергија од категоријата домаќинства и останати од 0,4 Кв, донесено од ЈП “Електростопанство на Македонија” – Скопје.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.185/94 од 15 март 1995 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со закон.
4. На седницата Судот утврди дека со точката 9 од Упатството за начинот на спроведување на единственото читање на броилата, обработка, начин на достава, плаќање на сметки од потрошувачите на електрична енергија од категоријата домаќинства и останати потрошувачи од 0,4 Кв, се предвидува манипулативните трошоци за хартија, програми за пресметка на сметките, трошоците на компјутерите за потрошувачите од домаќинство да изнесува 0,7% од вредноста на сметката за потрошената електрична енергија.
5. Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, а според член 15 став 1 од Законот за облигациони односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.29/78), кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот се применува како републички пропис, во засновањето на двостраните договори учесниците поаѓаат од начелото на еднаквата вредност на взаемните давања.
Од изнесеното произлегува дека односите поврзани со наплатувањето на сметките за потрошената електрична енергија се дел од облигационите односи што настануваат меѓу претпријатијата и за дистрибуција на електрична енергија и граѓаните во купопродажбата на електричната енергија како стока на пазарот. Притоа, за овие односи согласно член 15 од Законот задолжителен е принципот на еквивалентност на меѓусебните давања кои според мислењето на Судот, се протега не само во однос помеѓу испорачаната енергија и исплатената цена, туку и по однос на направените трошоци на претпријатието за изготвувањето на сметките и цената што ја плаќаат граѓаните за изготвување на тие сметки. Во конкретниот случај цената што граѓаните ја плаќаат на име трошоци за изготвување на сметките не се доведени во зависност од стварните трошоци за изготвувањето на тие сметки, туку таа е одредена во зависност од цената платена за потрошената електрична енергија.
Со оглед на тоа што нема суштинска поврзаност меѓу цената што се плаќа за потрошената електрична енергија и трошоците на претпријатието за изготвување на сметките, Судот оцени дека со доведувањето на висината на овие трошоци во зависност од цената на потрошената електрична енергија, а не во зависност од стварните трошоци, не е во согласност со означените одредби од законот.
Освен тоа, Судот смета дека со ваквиот начин на утврдување на висината на манипулативните трошоци, граѓаните се доведуваат во положба кога за изготвување на нивните сметки се прават еднакви стварни трошоци да плаќаат нееднаква цена на тие трошоци во зависност од потрошената електрична енергија, а не во зависност од тие стварни трошоци. Поради тоа, Судот смета дека нема основи за доведување на граѓаните во ваква различна положба односно дека ваквиот начин на пресметување на манипулативните трошоци не е во согласност со уставното начело на еднаквоста.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.185/94)