88/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 април 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за прекинување со работа на адвокатите во постапување пред судските и управните органи во Република Македонија, донесена од Адвокатската комора на Македонија на 26 март 1994 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива на Владимир Бочваров од Свети Николе, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот на Република Македонија и со закон.
4. Судот на седницата утврди дека членот 1 од Одлуката предвидува прекинување со работа во постапувањето пред судските и управните органи во Република Македонија, кое да почне на 27 март 1994 година и дека продолжувањето со работа ќе биде одлучено од Претседателството на Комората. Членот 2 предвидува задолжителност на Одлуката за сите адвокати на Македонија, а непочитувањето на оваа одлука, повлекува суспензија и бришење на адвокатот од Именикот на адвокатите. Членот 4 од Одлуката содржи констатација дека Инструкцијата на органите на управата за приходи, издадена од Министерот за финансии, за пресметување на данокот на промет на производи и услуги е во спротивност со Законот што ја регулира оваа материја. Со членот 5 е предвидено на адвокатите да им се пресметува персонален данок според барањето на адвокатите-паушално. Членот 6 предвидува Одлуката да влезе во сила веднаш со нејзиното донесување, а истата да ја спроведе Извршниот одбор на Претседателството на Адвокатската комора на Македонија. Членот 7 содржи овластување Претседателството на Адвоктската комора да можеда преговара со надлежните органи во Републиката за надминување на настанатите состојби. Членот 8 содржи обврска претседателот на Комората за прекинот на работата да ги извести сите судови во Република Македонија, Министерството за правосудство и управа, Собранието на Република Македонија и Претседателот на Владата на Република Македонија.
5. Согласно член 53 од Уставот адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Според членот 27 од Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” бр.80(92) адвокатите се организираат во Адвокатска комора на Република Македонија, која има својство на правно лице, и е самостојна и независна.
Согласно член 18 од Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92) на адвокатот може да му престане правото на вршењето на адвокатската дејност ако се откаже од тоа право; ако заснова работен однос; ако го изгуби државјанството на Република Македонија; ако биде лишен од деловна способност или трајно ја загуби способноста за вршење адвокатска дејност, што го утврдува Адвокатската комора и ако е осуден за кривично дела на безусловна казна затвор од најмалку 6 месеци или ако му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење адвокатска дејност.
Според член 24 од овој закон, адвокатите се одговорни за совесно вршење на адвокатската дејност и за чување на угледот на адвокатурата.
Со ставот 2 на овој член од Законот е предвидено дека како потешка повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата се смета неизвршување на правна помош, непостапување по овластувањето и непреземањето дејствија што адвокатот е должен да ги преземе во заштитата на правата и интересите на странката и повредување на должноста на чување тајна.
Со Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, согласно став 3 на овој член од Законот, може да се предвидат и други повреди на адвокатската должност и угледот на адвокатурата.
Од наведените законски одредби произлегува дека правото на обавувањето на адвокатската дејност може да се запре само во случаи кои се утврдени во Законот и само на одделен адвокат, а не на сите адвокати одеднаш.
Исто така, од овие одредби произлегува дека е право на Адвокатската комора со општ акт да ги утврдува повредите на должностите и угледот на адвокатурата како и постапката за утврдување на повредите и мерките што се преземаат кон адвокатот, но тие повреди мора да бидат утврдени како повреди што произлегуваат од вршењето на должностите на адвокатите.
Со оглед на тоа што со оспорената одлука се предвидува обврска за запирање на вршењето на адвокатурата во случаи кои не се утврдени во Законот, што запирањето на вршењето на адвокатурата е предвидено за сите адвокати генерално и што повредите на должностите и угледот на адвокатурата не се утврдени како повреди што произлегуваат од вршењето на должностите на адвокатурата, односно што како потешка повреда на адвокатската должност е предвидено дејствие на адвокатот што не е поврзано со барањето за префсионалното вршење на адвокатската дејност и почитувањето на угледот на адвокатурата, туку се преземени активности на Комората заради остварување определен интерес на адвокатите, независно од законски определените рамки за утврдување на повреди на должностите и угледот на адвокатурата, Судот утврди дека оспорената одлука е несогласна со Уставот на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.88/94)