20/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 април 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА поведува постапка за оценување уставноста на членовите 91, 136, 137 став 2 и членот 200 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на СР Македонија” бр.38/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.46/93).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 135 од законот означен во точката 1 од ова решение.
3. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето за изрекување на времена мерка со која, до донесување на конечна одлука на Судот, ќе се запрат од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорениот закон.

4. На Уставниот суд на Република Македонија, Газменд Ајдарага од Дебар му поднесе иницијатива со барање да ја оцени уставноста на одредбите од членовите 91, 136, 137 став 2 и член 200 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив сите овластувања на општината, како општествено-политичка заедница, биле пренесени на Собранието на Република Македонија и на Министерот за здравство, што не било согласно со Уставот на Република Македонија.
5. Судот на седницата утврди дека: согласно членот 91 од Законот, здравствена организација можат да основаат: Републиката, правните и физичките лица и дека јавна здравствена организација може да основа Собранието на Република Македонија; согласно членот 136 од Законот, Собранието на Република Македонија дава согласност на одредбите од статутот на здравствената организација; согласно член 200 став 2 од Законот, основачките права и обврски спрема здравствените организации ги презема Републиката и согласно член 137 став 2 од Законот, директорот на јавната здравствена организација, по предлог на здравствениот совет го именува односно го разрешува Министерот за здравство.

Законот за здравствената заштита влегол во сила на 27 август 1991 година односно во време на важењето на Уставот на СР Македонија со неговите Амандмани.
Со Амандамните на Уставот на СР Македонија од 1990 година (од 57 до 80), поточно со Амандманот 71 точка 5 е извршена измена на Амандманот 46 при што зборовите “собранието на општествено-политичката заедница” се заменија со зборовите “Собранието на СРМ”, што значи дека уште тогаш општините го загубија статусот на општествено-политички заедници, а со тоа всушност престанаа да бидат носители на функцијата на државната власт, чиј носител и сега се органите на Републиката.

Со донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година, статусот на општините е прецизиран во смисла што се дефинирани како единици на локалната самоуправа (член 114 став 2) со овластувања и самостојност во работата во рамките на надлежностите утврдени со Устав и со закон, со тоа што подлежат на надзор од страна на Републиката која, со закон може да им довери вршење на определени работи.
Со тоа оригинерната функција на државната власт премина во рацете на Републиката која во такво својство, меѓу другото, ги презеде правата и обврските на собранијата на општините во смисла што само Собранието на Република Македонија е овластено да дава согласност на одредбите од статутот на здравствената организација и да врши надзор над работата на организациите кои обавуваат дејност од посебен општествен интерес, а во тој склоп и на здравствените организации.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека оспорените одредби од членовите 91, 136 и 200 став 2 од Законот, со кои Собранието на Република Македонија е овластено да формира јавна здравствена организација, да дава согласност на одредбите од нејзиниот статут, а Републиката да ги презема основачките права и обврски кон здравствените организации, се согласни со Уставот.
Посебно, во однос на одредбата од членот 137 став 2 од Законот која го овластува Министерот за здравство да го именува директорот на јавната здравствена организација, имајќи ги предвид надлежностите на Министерството за здравство, а посебно правата и обврските на министерот за здравство, како и фактот дека сите здравствени организации, со влегувањето во сила на Законот за здравство, добија статус на јавни здравствени организации, Судот оцени дека е согласно со Уставот, министерот за здравство, на предлог на неговото советодавно тело, односно здравствениот совет да го именува односно разрешува директорот на јавната здравствена организација.

6. Судот, исто така, утврди дека согласно член 135 од Законот, Собранието на Република Македонија го определува бројот на претставниците на Републиката во здравствените организации и дека согласно Законот за измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита овој член е изменет во смисла што со здравствената организација управува управен одбор, кого го сочинуваат седум члена од кои тројца претставници од редот на стручните и компетентните лица во здравствената организација кои ги избира стручниот орган и четворица претставници на основачот.
Со оглед на тоа што оспорената одредба од членот 135 од Законот е отстранета од правнииот поредок согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот оцени дека постојат процесни пречки за оценување на нејзината уставност.

7. Што се однесува до барањето Судот, до донесување на конечна одлука, да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука, оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот за изрекување на ваква мерка.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.20/95