Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 април 1995 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за утврдување општ интерес за изградба на хотел-делукс на локалитетот на плоштадот “Маршал Тито” во Скопје, донесена од Владата на Република Македонија на 11 февруари 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/92).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијативата на д-р Мирослав Грчев и
д-р Влатко Коробар од Скопје, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.
4. Судот на седницата утврди дека со точката 1 од Одлуката се утврдува локација за изградба на хотел-делукс со капацитет од 450 легла. Составен дел на Одлуката, според точката 2, е графичкиот приказ на локацијата во кој се утврдени одделни елементи за определување условите за градба, а точката 3 содржи одредба за нејзиното влегување во сила.
Судот, исто така, утврди дека за централното градско подрачје постои детален урбанистички план донесен во 1967 година, во кој не е предвидена изградба на хотел на просторот определен со оспорената одлука и дека во 1985 година е извршена измена и дополнување на Основниот урбанистички план, според кој во централното градско подрачје односно на подрачјето на општина “Центар” ; е предвидена изградба на хотел делукс, но не е определена локацијата каде треба да биде поставен.
5. Според член 8 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката е уредувањето и хуманизацијата на просторот.
Тргнувајќи од ваквото значење на просторот, и во претходниот и во постојниот правен поредок, планирањето на просторот, како битен елемент на неговото уредување, се регулира со закон.
Со постојниот Закон за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” 38/85, 18/89 и 38/90) се пропишани правила кои треба да обезбедат просторот да се уредува и изградува во согласност со општествените, економските, културните и другите потреби на граѓаните на определен простор. Во таа смисла членот 10 од означениот закон определува дека просторното и урбанистичкото планирање претставува единствен и континуиран процес усогласен со развојната и економската политика на земјата, а со членот 18 се пропишува дека со урбанистичкиот план се утврдува организацијата и користењето на просторот на населените места и урбанистичко-техничките услови за изградба на објектите и уредување на просторот врз основа на анализа на постојаната состојба и оценетите потреби и можности за просторен развој во определен плански период.
Од изнесеното произлегува дека урбанистичкиот план е документ од посебно значење за развојот и за животот во населените места, поради што Законот ги пропишува постапката и начинот на неговото донесување, како и условите и постапката за нивното изменување и дополнување.
Според членот 34 од Законот, Собранието на Републиката ги донесува просторните планови, а собранието на општината ги донесува урбанистичките планови на подрачјето на општината.
Согласно членот 31 од Законот плановите се изработуваат во две фази: нацрт на план и предлог на план, при што нацртот на планот задолжително се става на јавна расправа. Исто така, и за изменувањето и дополнувањето на урбанистичкиот план Законот пропишува посебни услови. Така, според членот 33 од Законот, урбанистичкиот план може да се измени и дополни заради усогласување со плановите за среднорочниот општествен и економски развој, како и поради дејство на виша сила и тоа според постапка и на начин предвидени за донесување на плановите, за разлика од претходниот текст на законот, кој даваше можност помали измени и дополнувања на деталниот урбанистички план да се вршат на начин и во постапка определени со пропис на општината.
Од изнесените одредби на Законот, произлегува дека законодавното тело настојува при планирањето на просторот да обезбеди максимална студиозност и аналитичност при нивното подготвување, како и строг режим за изменување и дополнување на плановите, што соодветствува на значењето што тие документи го имаат во општествениот и економскиот развој и животот на граѓаните.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека членот 54 од Законот треба да се толкува поврзано со другите законски одредби кои ја изразуваат целта и суштината на урбанистичкото планирање, како и со уставните одредби кои ја определуваат Владата како носител на извршната власт (член 88 и 91 од Уставот), а не како регулатор на општествените односи.
Во конкретниов случај, за просторот што го опфаќа оспорената одлука постои неусогласеност помеѓу Деталниот и Основниот урбанистички план, во смисла што деталниот план за тој простор предвидува други содржини (собрание, пошта, силос-гаражи), додека основниот план предвидува изградба на хотел на подрачјето на Општина Центар, но притоа не ја определува локацијата за негово поставување, а меѓусебната неусогласенот на Деталниоит и Просторниот урбанистички план, според оценката на Судот не може да се решава со примената на член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.
Судот го оценуваше прашањето дали Владата може да го применува членот 54 од Законот и да утврдува локација за објекти независно од решенијата содржани во урбанистичките планови, и утврди дека тоа не произлегува ниту од системот на просторното и урбанистичкото планирање ниту од содржината на наведената одредба.
Со оглед на тоа што за градското подрачје, во кое спаѓа локалитетот на плоштадот “Маршал-Тито” постои Основен урбанистички план од кој се гледа дека на подрачјето на општина “Центар” се предвидува изградба на хотел делукс, без притоа да се определи локацијата каде треба да биде поставен и Детален урбанистички план кој, на тој локалитет, не предвидува изградба на хотел, Судот, исто така, утврди дека оспорената одлука на Владата не е донесена во функција на утврдување на елементи за определување услови за градба за предвидениот објект, туку значи предвидување изградба на објект надвор од урбанистичкиот план, со што се врши изменување и дополнување на постојниот урбанистички план, надвор од постапката пропишана со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, се доведув а во прашање определбата за уредување и хуманизација на просторот, се негира улогата на граѓаните и на другите органи и организации во планирањето на уредувањето на просторот и се нарушуваат односите помеѓу носителите на законодавната и извршната власт.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.104/94