133/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на илен 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и илен 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 април 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 17 став 5, член 33 и член 65 став 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македо-ни-ја” бр. 80/1993, 3/1994 и 14/1995).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Киро Манолев од Штип му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите на член 17 став 5, член 33 и член 65 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се утврдувале различни мерила и критериуми за стекнување право на старосна и инвалидска пензија во зависност од должината на пензискиот стаж и од тоа дали осигуреникот е маж или жена, со што се нарушувала рамноправноста на граѓаните и се создавал дискриминаторски однос кон осигурениците од машки пол, а што било во несогласност со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 17 став 5 од Законот, осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 40 години (маж), односно 35 години пензиски стаж (жена) без оглед на годините на живот.

Со член 33 од Законот се уредува дека старосната пензија се утврдува од пензиска основа во проценти определени зависно од должината на пензискиот стаж. Притоа, во одредбата се утврдува и износот на процентите, како и тоа дека старосната пензија не може да изнесува повеќе од 80% од пензиската основица.

Според член 65 став 3 од Законот, висината на инвалид-ската пензија од став 2 на овој член (во случај на инвалидност причинета од болест или со повреда надвор од работа) не може да биде помала од 44% од пензиската основа за маж, односно 53% од пензиската основа за жена кај кои инвалидноста настанала пред наполнетите години живот од член 17 став 2 на овој закон. Ако инвалидноста настанала по години на живот од член 17 став 2 на овој закон висината на инвалидската пензија не може да биде помала од 35% (маж), односно 40% (жена) од пензиската основа.

4. Според член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општестве-ната положба, а според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална правичност, а според ставот 3 на овој член од Уставот, Републиката обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Со член 42 став 1 од Уставот е утврдено дека Републи-ката посебно го заштитува мајчинството, а со ставот 3 од овој член на Уставот дека мајките имаат право на посебна заштита при работа.

Според член 54 став 3 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално и социјално потекло, имот или општествена положба.

Од наведените уставни одредби јасно произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Исто така, Уставот ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална правичност, како и посебната заштита на инвалидните лица и мајките. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата што се стекнуваат со социјалното осигурување, нивната висина, начин на стекнување и користење се резервирани за законодавната власт, која има широк простор во уредувањето на сите релевантни односи кои се од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.

Утврдувањето на поповолни услови за стекнување на одделни права од пензиското и инвалидското осигурување (година на старост, пензиска основа, висина на правото и сл.) во интерес на осигуреникот-жена, според мислењето на Судот е всушност спровед-ливо решение поради нејзината понеповолна положба во однос на мажот и произлегува од нејзината посебна положба во остварувањето на улогата на мајчинство. Во таа смисла, скратувањето на работниот век на жената-работник за остварување на право на старосна пензија или поголем процент во висината на инвалидската пензија за помалку години живот, е во функција на остварување на еднаквост со мажот, а не дека мажот се става во понеповолна положба односно дека тој е во дискриминирана положба во однос на жената.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот смета дека утврдените мерила и критериуми за стекнување право на старосна и на инвалид-ска пензија, а со тоа и висината на таквата пензија, се однесуваат на сите осигуреници подеднакво кога тие се наоѓаат во иста положба и на тој начин не се повредува уставниот принцип на еднаквост на граѓаните. Тоа, што пак, осигурениците не остваруваат еднакви права, туку обемот на нивните права зависи од должината на пензискиот стаж, годините на живот, степенот на инвалидност и полот, не значи повреда на тој уставен принцип. Според тоа, разликите во правата што произлегуваат од тоа дали осигуреникот е жена или маж, произ-легуваат од нивната фактичка нееднаква положба и со тие разлики не се нарушува принципот на еднаквост на граѓаните, ниту содржат дискриминаторски однос кон осигурениците од машкиот пол, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби на член 17 став 5, член 33 и член 65 став 3 од Законот со наведените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседате-лот на Судот д-р Јован Проевски и судиите: Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.133/95
19 април 1995 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Јован Проевски