Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 и 79 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 април 1995 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за пристапување кон измена и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Гостивар бр.08-285/1, донесена од Собранието на општина Гостивар на 21 септември 1993 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.159/94 од 23 февруари 1995 година поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со закон.
4. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се врши измена на Деталниот урбанистички план на град Гостивар со померување на осовинската точка 054 за 1 метар кон север на ул.”Драге Тодоровски” и со корегирање на профилот на улицата со поместување на осовинските точки 47-46, од 46 до Т2, Т3 до осовинската точка 42 и од осовинската точка 42 до 37 до пресекот со ул.” Беличица”.
Притоа, Судот утврди дека за донесување на оспорената одлука не е одржана јавна расправа.
5. Согласно член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 18/89), нацртите на плановите задолжително се ставаат на јавна расправа која се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот на управата надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа. Врз основа на прифатените забелешки од јавната расправа се подготвува предлог планот. Согласно член 33 од Законот, органот на управата надлежен за урбанизам му доставува на Републичкото собрание односно на собранието на општината, предлог на просторен односно урбанистички план заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.
Од изнесените одредби на законот произлегува дека како дел од постапката во која граѓаните треба да бидат вклучени во донесувањето на урбанистичките планови, претставува и јавната расправа.
Со оглед на тоа што за донесување на оспорената одлука не е одржана јавна расправа, Судот оцени дека таа не во согласност со означената одредба од законот.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.У.бр. 159/94