Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 12 април 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Мислењето на Министерството за финансии на Република Македонија бр.14-8240/1 од 7 декември 1994 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Сојузот на здруженијата на девизните штедачи на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставнсота и законитоста на Мислењето означено во точката 1 од ова решение, затоа што со него им се овозможувало на деловните банки да пресметуваат данок од доход на пресметаната камата за депонираните девизни влогови на граѓаните, без да им се овозможи на граѓаните – штедачи, слободно да располагаат со каматата од тие влогови. На тој начин се повредувал принципот на еднаквост на граѓаните, бидејќи таквото ограничување не се однесувало на новите штедачи, се заштитувале државните интерси и интересите на банките за сметка на девизните штедачи и доаѓало до обезвреднување на депонираните девизни штедни влогови на граѓаните, што било во несогласност со членовите 8. 9, 30, 33 и 110 алинеја 3 од Уставот, како и со членовите 1, 2, 7 и 47 од Законот за персонален данок од доход и член 3 од Законот за гаранција на Република Македонија за де понираните девизни штедни влогови на граѓаните и за обезбедување на средства и начини за исплата на депонираните девизни влогови на граѓаните во 1993, 1994 и 1995 година.
3. Судот на седницата утврди дека со оспореното мислење, кое е упатено на барање од Комерцијална банка АД Скопје, се дава појаснување за примена на одредбите на членовите 47 и 79 од Законот за персоналниот данок од доход (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93 и 3/94), во смисла на тоа дека, имајќи ги предвид состојбите дека каматата на депонираните девизни штедни влогови за кои гарантира Република Македонија не се исплатува, за да се обезбеди примена на одредбите од членот 47 и членот 79 од Законот, пресметаната камата треба да се припише кон девизниот штеден влог, намалена за износот на данокот по овој основ.
4. Со оглед на тоа што Мислењето на Министерството за финансии претставува допис со кој се појаснува примената на одделни одредби од Законот за персоналниот данок од доход, а не пропис во смисла на членовите 51 и 52 од Уставот, Судот оцени дека соласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува за неговата согласност со Уставот и законите.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.У.бр.67/95