141/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 април 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за основиците за осигурување, за пресметување и за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување на индивидуалните земјоделци за периодот јануари-март 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/94).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Зоран Илиевски од Тетово му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што ги задолжувала индивидуалните земјоделци, кои ги исполниле условите за пензија во време на важењето на Законот за старосното осигурување на земјоделците, а не го платиле придонесот за осигурување, истиот да го платат според Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со што на овој закон му се давало повратно дејство, што не било согласно со Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука била со еднократна примена, дека важела само за месеците јануари, февруари и март 1994 година и дека истата престанала да важи заклучно со март 1994 година.
Со оглед на тоа што иницијативата е поднесена во време кога оспорената одлука веќе не произведувала правно дејство, односно не постоела во правниот систем, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по истата, па одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.У.б.141/94