168/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 алинеја 3 и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 април 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на “акт” на Стопанска банка-АД во Скопје со кој се определува граѓаните да имаат обврска да плаќаат провизија при купување на девизи.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Атанас Катиновски од Скопје, за поведување постапка за оценување уставноста на “актот” означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се предвидувало граѓаните-купувачи на девизи да имаат обврска да плаќаат провизија од определен процент при купување на девизи, што значело дека Стопанска банка го определува продажниот курс на девизите односно вредноста на денарот, а не Народната банка на Република Македонија, поради што оспорениот акт не бил во согласност со Уставот на Република Македонија. Освен тоа, Народната банка, определувајќи го куповниот и продажниот курс на девизите, ја опфатила и провизијата, поради што оспорениот акт и од овој аспект не бил во согласност со Уставот на Република Македонија. Исто така, провизијата каква што се предвидува со оспорениот акт претставувала јавна давачка односно данок на промет со услуга-продажба на девизи, за што не е овластена да одлучува Стопанска банка п оради што оспорениот акт и од овој аспект не бил во согласност со Уставот на Република Македонија.
3. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот утврди дека Стопанска банка нема донесено акт со наведената содржина, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Судот, нема процесни претпоставки за одлучување по иницијативата.
Од тие причини, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, Д-р Никола Крлески, Олга Лазова, Д-р Стојмен Михајловски, Д-р Милан Недков, Бесим Селими, Д-р Јосиф Талевски и Д-р Тодор Џунов. У.бр.168/94