103/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 5 април 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 5 став 2 од Законот за личното име (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/95).
2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Назми Малиќи од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законската одредба означена во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата со оспорената законска одредба се повредувала приватноста на личниот и семејниот живот на граѓаните загарантирана со член 25 од Уставот, затоа што за промената на личното име, која спаѓа во доменот на приватноста, и во случаите кога ја бараат родителите за своите деца се барала согласност од органот за старателство. Со оспорената законска одредба се повредувала, исто така, и слободата на граѓаните да создаваат деца, загарантирана со член 41 од Уставот, затоа што давањето и промената на личното име на децата од страна на родителите претставува посебна манифестација на слободата за содавање деца. Во иницијативата уште се наведува дека оспорената законска одредба не била во согласност со Законот за семејството и со други одредби од Законот за лично име.
4. На седницата Судот утврди дека според член 1 од Законот, личното име е лично право на граѓанинот, а според член 2 ставовите 1, 2, 3, 4 и 5, личното име на детето го определуваат родителите, или надлежниот орган за старателство односно старателот кога детето нема родители.
Со член 5 став 1 од Законот е утврдено дека граѓанинот има право да го промени личното име односно само името или презимето. Според оспорениот став 2 на малолетно лице ќе му се промени личното име односно само името или презимето на барање на родителите или посвоителите, односно на старателот со согласност од надлежниот орган за старателство.
5. Согласно член 25 од Уставот на Република Македонија се гарантира приватноста на личниот и семејниот живот на граѓаните на нивното достоинство и углед. Спорд член 40 став 1 од Уставот Републиката обезбедува посебна грижа и заштита на семејството, а според ставот 4 Републиката им обезбедува посебна заштита на децата без родители и децата без родителска грижа. Со член 41 став 1 од Уставот загарантирано му е правото на човекот слободно да одлучува за создавање на деца.
Според мислењето на Судот од целината на Законот за личното име произлегува дека за личното име, како лично право, по правило, одлучува самото лице што е носител на името односно неговите родители додека лицето е малолетно, а по исклучок, старателот односно органот за старателство кога малолетното лице нема родители. Наведените односи уредени со Законот произлегуваат како од уставните гаранции за приватноста на човекот така и од уставната обврска на Републиката да обезбедува посебна заштита на децата без родители односно без родителска грижа.
Судот смета дека оспорената законска одредба уредува наведените односи на таков начин кој обврзува органот за старателство да дава согласност на промената на личното име само во случаите кога промената на личното име ја бара старателот на малолетното лице без родители, а не и во случаите кога таа промена ја бараат родителот односно посвоителот. Имено, во набројувањето на субјектите што можат да бараат промена на личното име на малолетно лице се ставени родителот и посвоителот како меѓусебно рамноправни алтернативи, а само во посебни случаи-кога малолетното лице нема ниту родител ниту посвоител-промена на личното име може да бара неговиот старател, меѓутоа не самостојно, како во случајот на родителот или посвоителот, туку само со согласност на органот за старателство. Според тоа, согласноста на надлежниот орган за старателство како услов за промена на личното име на малолетно лице се однесува само на старателот на малолетното лице кое нема родители, а не на сите субјекти што Законот ги утврдува како носители на иницијатива за промена на личното име на малолетното лице.
Што се однесува до наводите од иницијативата во врска со несогласноста на оспорената законска одредба со Законот за семејството и со други одредби од Законот за личното име, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува по тие прашања.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.103/95).