75/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 март 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на
а) членовите 277, 278, 394, 395 и 396 од Законот за облигационите односи и
б) Заклучоците за примена на прописите кои ги регулираат затезните камати сметано од 1 јануари 1988 година, донесени од Врховниот суд на Република Македонија на 12 октомври 1989 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Душко Чангов од Скопје му поднесе иницијатива со барање за оценување уставноста на актите означени под а) и б) во точката 1 од ова решение, затоа што одредбите од Законот биле меѓусебно неусогласени; не предвидувале материјалната штета на доверителот да се усогласува со тековите на инфлацијата во стопанството и пропишувале кога да не се применува конформната метода при пресметувањето на затезната камата, што не било согласно со Уставот на Република Македонија.
3. Согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и законите.
Со оглед на тоа што со иницијативата се бара оценување на меѓусебната согласност на одредбите од членовите 277 и 278 од означениот закон согласно горенаведената одредба од Уствот, Судот оцени дека барањето излегува од доменот на надлежноста на овој Суд.
Исто така, во врска со наводите во иницијиативата дека при формулацијата на членовите 394, 395 и 396 од Законот не се водело грижа за инфлаторните состојби во земјата, Судот оцени дека не е опортуно да се впушта во таква оценка од причина што е тоа прашање на законодавната политика на една земја во дадениот момент.
Што се однесува до прашањето, пак, дали одредбата од членот 394 од Законот, која го обврзува должникот кога неговата обврска паретставува одреден износ во пари, да го исплати оној број на парични единици на кои гласи обврската, требала да предвиди додатна одредба со која бројот на паричните единици би се определувал односно усогласувал со инфлацијата, Судот оцени дека со иницијативата не се бара оценување уставноста на Законот затоа што содржи одредба што не се согласна со Уставот, туку поради отсуство на одредба за која подносителот на иницијативата смета дека треба да биде содржана, поради што согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, иницијативата ја отфрли како ненадлежен за одлучување.
4. Во врска со оценката на уставноста на Заклучоците на Врховниот суд на Република Македонија, Судот оцени дека тие претставуваат еден вид интерен акт – упатство според кое треба да се придржуваат судовите при утврдувањето на затезните камати по одделни предмети и дека со нив не се востановуваат нови права и обврски, туку само упатуваат како треба да постапуваат пониските судови, заради воедначување на судската практика односно дека тие се во функција на обезбедување на единство во примена на законите.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе мнозинствено во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.У.бр.75/94