190/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 март 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за исплата на винското грозје од реколтата 1994 година, донесена од Управниот одбор на АД-“АК-Тиквеш” од Кавадарци, на 28 октомври 1994 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и произведува правно дејство од денот на објавувањето.
3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива од Општинското здружение на лозарите “Тиквешко грозје” од Кавадарци со Решение У.бр.190/94 од 25 јануари 1995 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.
4. Судот на седницата утврди дека во оспорената одлука е предвидено дека поради неликвидност и други специфичности се успеало делумно да се обезбедат средства, поради што исплатата е предвидено да се изврши на следниот начин: 50% да се плати во денари на штедна книшка, 20% во вредносни бонови и 30% во денри во наредната година (1995) по обезбедување на средства. Во точката 3 од Одлуката е предвидено доколку се пронајдат средства, а со тоа да не се нанесе штета на Комбинатот, 80% да се исплаќа во готово и 20% во вредносни бонови со кои производителите ќе се снабдат влаговремено со заштитни средства, репроматеријали и друга трговска стока.
Исто така, Судот утврди со Одлука бр.0202-345 донесена од Управниот одбор на АД “АК-Тиквеш” од Кавадарци на 27 февруари 1995 година е укината оспорената одлука, со образложение дека исплатата на винското грозје била целосно извршена, а боновите вратени и уништени.
5. Уставот на Република Македонија не содржи одредба со која се определува паричната единица на Републиката и се утврдува нејзината употреба. Единствено, со член 60 од Уставот се определува дека Народната банка на Македонија е емисиона банка, дека е самостојна и одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство и дека организацијата и работата на Народната банка се уредуваат со закон.
Со член 1 од Законот за паричната единица на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/92), е определено дека парична единица на Република Македонија е денарот. Според член 2 од Законот, книжните пари и кованите пари кои гласат на денар се единствено законско платежно средство за плаќање на територијата на Република Македонија, а согласно член 3 сите права и обврски по работи кои гласат на пари, а се склучени на територијата на Република Македонија, како и сите вредности и износи, се искажуваат во износи кои гласат на денари.
Во член 1 од Законот за употреба на паричната единица на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/92) бше предвидено дека до издавањето на книжни и ковани пари, согласно Законот за парична единица на Република Македонија, како средство за плаќање на територијата на Република Македонија ќе се употребуваат вредносните бонови што ги издава Народната банка на Република Македонија.
Со член 37 од Законот за Народната банка на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/92) е определено дека кн ижните и кованите пари, кои гласат на домашна валута, се законско средство за плаќање на територијата на Републиката, а со член 38 е определено дека сите обврски и права и сите работи што гласат на пари воспоставени во Република Македонија помеѓу претпријатија, други домашни правни лица и граѓани, како и меѓу граѓани со странски лица, се изразуваат во домашна валута и се извршуваат со средства за плаќање што гласат на домашната валута, ако со закон не е поинаку определено.
Како инструмени на плаќањето во член 9 од Законот за финансиското работење (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/93) се предвидени сметките преку кои се плаќа во готови пари, налогот за пренос и хартиите од вредност, а како хартии од вредност, според член 1 од Законот за хартиите од вредност (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/93) се предвидени акциите, обврзниците, благајничките записи, сертификатите и комерцијалните записи.
Исто така, според став 2 на член 9 од Законот за финансиското работење, субјектот може да ги плаќа меѓусебните обврски со пребивање и на друг начин во согласност со Законот за облигационите односи.
Во член 394 од Законот за облигационите односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.29/78) во делот каде што е уредено прашањето за паричните обврски е предвидено кога како предмет на обврската се пари. должникот е должен да го исплати оној број на парични единици на кои гласи обврската, освен кога со закон е уредено поинаку.
Од изнесеното произлегува дека со Уставот не е утврдена паричната единица на Република Македонија, поради што начинот на плаќање и видот на платежното средство се уредува со закон.
Од изнесените одредби на означените закони со кои се утврдува паричната единица на Република Македонија и инструментите на плаќањето произлегува дека плаќањето меѓу субјектите се врши во готовина, со налог за пренос и со пренос на хартии од вредност, при што во ниеден закон бонот не е предвиден како платежно средство.
Во член 8 став 3 од Законот за финансиското работење е предвидено министерот за финансии да ги пропишува условите и начинот на наплатата, располагањето и плаќањето со парите во готово.
Согласно оваа законска одредба Министерот за финансии на 19 ноември 1993 година донел Упатство за условите и начинот на наплатата, располагањето и плаќањето со пари во готово (“Службен весник на Република Македонија” бр.76/93). Во ова Упатство се предвидени намените за кои субјектот може да плаќа со пари во готово во кои, покрај другото, се наведени и земјоделските производи откупени односно преземени од земјоделци и граѓани.
Тргнувајќи од цитираните законски и други прописи со кои се утврдува паричната единица на Република Македонија, се уредува начинот на плаќањето меѓу субјектите, видовите на инструментите за плаќање и со кои е предвидено дека книжните и кованите пари кои гласат на денар претставуваат единствено законско платежно средство на територијата на Република Македонија, Судот оцени дека правните лица и другите субјекти во платниот промет не се овластени со свои акти да утврдуваат други видови на платежни средства, кои иако гласат на денари не претставуваат ковани или книжни пари издадени од Народна банка, која со Устав е овластена како емисиона банка на Република Македонија.
Со оглед на тоа што со оспорената одлука беше предвидено дел од цената за откупното грозје да се плати во бонови, кои не претставуваат законско средство за плаќање, Судот оцени дека таа во времето на нејзиното важење не била во согласност со наведените законски одредби.
6. Со член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според став 2 Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба на пазарот.
Со оспорената одлука беше предвидено со добиените бонови за исплатата на откупното грозје да се набавуваат стоки само од “Тиквеш” Кавадарци, поради што, Судот оцени дека со тоа се ограничува слободата на пазарот и се создава монополско однесување на пазарот на означеното претпријатие, поради што оцени дека таа во времето на нејзиното важење не била во согласност и со наведените уставни одредби.
7. Имајќи ги предвид односите кои беа уредени со оспорената одлука Судот оцени дека иако одлуката престанала да важи исполнети се условите од член 73 од Деловникот на Уставниот суд за донесување на поништувачка одлука, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.190/94).