Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и членовите 70 и 79 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 март 1995 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член3, член 5 став 1 во делот на надоместување на трошоците од член 3 и ставот 2 на член 5 од Одлуката за висината на трошоците за вештачење на работната способност во постапката за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, донесена од Управниот одбор на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, на 25 октомври 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/94).
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и произведува правно дејство од денот на нејзиното објавување.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Борис Стојковски од Скопје и по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување законитоста на оспорените одредби од одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се определува висината на трошоците за вештачење на работната способност извршена од Комисијата за оцена на работната способност во постапка за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, кога таква обврска е предвидена со меѓународни договори, при повторна оцена на способнос, по барање на осигуреникот односно лицето како и за вештачење извршено според други прописи (член 1 од Одлуката).
Во оспорениот член 3 од Одлуката е предвидено дека за извршеното вештачење на работната способност во повторна постапка по барање на осигуреникот односно лицето и во која се донесе наод, оценка и мислење дека не постои промена на работната способност, висината на трошоците се определува во денарска противвредност на 30 германски марки. Според член 5 од Одлуката овие трошоци од член 3 се надоместуваат при поднесувањето на барањето, а доколку при вештачењето во случаите од член 3 на оваа одлука се утврди промена на работната способност, средствата се враќаат на осигуреникот односно лицето.
5. Според член 7 и 171 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93), средствата потребни за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување ги обезбедуваат осигурениците и работодавците. Средствата потребни за остварување на правата од пензиското и инвалидсдкото осигурување, осигурениците ги обезбедуваат како средства за лична потрошувачка, кои средства според член 172 од Законот, се обезбедуваат со плаќање на придонеси, а стапките на придонесите ги утврдува Собранието на Република Македонија, по предлог на Владата на Република Македонија.
Според членовите 42 и 47 од Законот осигуреникот кај кого постои преостаната работна способност има право на работа со скратено работно време, распоредување односно вработување на друга соодветна работа и преквалификација или доквалификација. Според член 54 од Законот, осигуреникот кај кого постои преостаната работна способност има право и на надоместок.
Постапката за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, според член 134 од Законот, по правило се поведува на барање на осигуреникот. Исто така, според член 137 од Законот и за промените на состојбата на инвалидноста и телесното оштетување на осигуреникот, кои се од влијание на правото признато со правосилно решение, можат да се утврдуваат во постапка покрената по барање на осигуреникот.
Правата од пензиското и инвалидското осигурување, согласно член 135 од Законот, се остваруваат во Фондот, а за остварување на правата врз основа на губење на работната способност преостанатата работна способност, телесно оштетување и неспособност за работа врз основа на која се остварува семејна пензија, фактичката состојба се утврдува врз основа на наод, оцена и мислење на Комисијата за оцена на работната способност.
Од изнесените законски одредби произлегува дека остварување на правата врз основа на преостанатата работна способност се врши по барање на осигуреникот и дека тие права се остваруваат во фондот за пензиско и инвалидско осигурување. При тоа во Законот поднесувањето на барањето за остварување на правата врз основа на губење на работна способност и преостаната работна способност не е условено со претходно поднесување на било какви трошоци или со некои други услови што треба да ги исполни осигуреникот.
Со оглед на тоа што со оспорените одредби од Одлуката е предвидена обврска осигуреникот при поднесувањето на барањето претходно да ги поднесе трошоците за вештачење за работната способност, односно остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување е условено со претходно надоместување на одредени трошоци, Судот утврди дека тие не се во согласност со означените законски одредби.
Исто така, Судот утврди дека согласно член 163 од Законот, управниот одбор е овластен да го донесува статутот и други општи акти на фондот, да управува со средствата на Фондот и да одлучува за користење на средствата на Фондот, но не е предвидена можност тој да одлучи како ќе се надоместуваат одредени трошоци во Фондот, предизвикани од самите осигуреници.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека Управниот одбор на Фондот не е овластен со свој акт да утврдува определени услови кои однапред треба да ги исполнат осигурениците при остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување надвор од условите предвидени во Законот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.204/94 и 79/95).