Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 март 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на членовите 6, 30 став 1 и 35 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93 и 14/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Љубомир Бочваров од Свети Николе, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не содржеле додатни одредби со кои би се предвидувало работникот да може да работи едновремено кај повеќе работодавци и да има уште еден работен однос што, не било согласно со Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека: а) со членот 6 од Законот е предвидено работоводниот орган, односно законскиот застапник на работодавецот, правата и обврските од работен однос, за времето додека е именуван на тоа работно место, односно додека ја врши должноста на застапник да ги остварува кај работодавецот, според одредбите на овој закон и колективен договор; б) членот 30 став 1 од Законот предвидува работното време на работникот да изнесува 40 часа во работната недела (полно работно време) и в) работното време на работник да може да трае подолго од 40 часа во работната недела, но не подолго од 10 часа неделно во следните случаи: 1) за време на земјотрес, поплава, пожари… или друга виша сила или несреќа каја се случила или која непосредно се заканува; 2) за давање помош на друг работодавец на кој му се случила несреќа или непосредно му се заканува; 3) кога е неопходно да се заврши започнатиот процес на работа чиј прекин, со оглед на природата на технологијата и организацијата на работа, би предизвикала значителна материјална штета или загрозување на животот или здравјето на луѓето; 4) да се спречи расчистување на суровини или материјали, односно да се отстрани дефектот на средствата за работа; 5) да се замени ненадејно отсутен работник во процесот на работата која трае непрекинато; 6) да се започне или доврши итна медицинска интервенција, или друга неодложна здравствена мерка и 7) завршување на итни и неодложни дејства на процесот на работата. Согласно став 3 на овој член од Законот, работното време подолго од 40 часа во работната недела може да трае само онолку време колку што е неопходно потребно да се отстранат опасностите, односно спречат штетните последици.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.
Со оглед на тоа што со иницијативата се бара Судот да ја оцени уставноста на Законот, не од причина што содржи одредби кои не се согласни со Уставот, туку поради отсуство на одредби, за кои подносителот на иницијативата смета дека треба да бидат содржани, согласно горе наведената одредба од Уставот, Судот оцени дека барањето излегува надвор од доменот на неговата надлежност.
Што се однесува до наводот во иницијативата дека правото на работа од Уставот, со оспорените одредби од Законот се сведувало само на право на работникот на еден работен однос, што го правело Законот несогласен со член 32 од Уставот, Судот оцени дека истиот е неоснован поради следното.
Согласно став 1 на член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.
Ставот 2 на овој член од Уставот предвидува дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Според став 3 на овој член, секој вработен има право на соодветна заработувачка.
Секој вработен, според став 4 на овој член од Уставот, има право на платен дневен, неделен и годишен шдмор, а вработените не можат да се откажат од овие права.
Согласно ставот 5 на овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Од наведените уставни одредби произлегува дека секој има право на работа под еднакви услови, секој има право на слободен избор на вработување и слично, при што упатува остварувањето на овие права да се уредат со закон и со колективен договор.
Дали, пак, законодавецот требало да утврди и додатни норми со кои ќе се предвидува: подолго работно време од предвиденото, можност за засновување на два или повеќе редовни работни односи и слично, Судот оцени дека е прашање од доменот на законодавната политика со која се утврдуваат прашањата, правата и обврските на вработените што произлегуваат од нивниот работен однос, поради што оцени дека и од овој аспект не може да се постави прашањето за уставноста на оспорениот закон.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р тодор Џунов. (У.бр.59/95).