31/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 март1995 година,

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за реализирање на Деталниот урбанистички план на општината Гостивар.
2. Петре Петрески од Гостивар, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе барање да донесе одлука со која ќе им наложи на надлежните органи донесените измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план на општината Гостивар и фактички да се вградат во Планот, затоа што тие, иако биле донесени, до сега не биле вградени, а без нив урбанистичкиот план предизвикувал пречки во користењето на имотот на граѓаните и ја нарушувал хармонијата на животната околина.
3. Разгледувајќи го барањето Судот утврди дека тоа не е во доменот ниту на оценувањето на уставноста и законитоста на општите акти, ниту на заштитата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, ниту во други области од надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, туку дека со него се бара реализација на урбанистичкиот план, за што, Уставниот суд на Република Македонија, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.31/95).